Направен последниот круг на селекција за наградата „Драги“. Имено, жири-комисијата на претпоследниот состанок се одлучи во третиот и последен круг на селекција, т.н. shortlist, да влезат 5 преведувачи со изданија објавени од три издавачки куќи и преводи направени од пет јазици:
1. Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на „Артконект“.
2. Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“.
3. Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на „Бегемот“.
4. Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на „Артконект“.
5. Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.
За наградата „Драги“, првично беа номинирани 39 преведувачи со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија.
Иницијативата за оваа награда, која досега не беше препознаена ниту од државните ниту од локалните институции, а уште помалку од приватниот сектор, го доби своето прво јавно признание од страна на новата деканска управа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Факултетот станува партнер на „Антолог“ во организирањето на наградата. За организаторот, ова претставува исклучително важна соработка. Прво, затоа што Драги Михајловски целиот работен век го помина на овој факултет, а второ, затоа што улогата на Факултетот во создавањето на книжевните преведувачи не може да се спореди со улогата на ниедна друга институција во нашата земја.