Пред Владата повторно ќе се одржи протест за огромниот скандал на Клиниката за Онкологија. Организаторите преку социјалните мрежи протестирањето го најавуваат за во 18 часот. Протестот ќе продолжи и пред зградата на Министерството за здравство каде организаторите велат дека ќе побараат одговорност за сите инволвирани во скандалот со Онкологија.
Во досегашните протести многуте насобрани гражани искажаа згрозеност и револт од информациите кои излегоа во јавноста дека на болните од канцер не им се давала потребната терапија туку истата се препродавала на други пациенти. На многуте транспаренти граѓаните пишуваа: „Убивате за профит“. „Правда за жртвите“, „За болни физиолошки раствор, за криминалци – амнестија“, „Душите нивни ве демнат“…
На денешниот протест ќе се побара и обелоденување на информациите околу истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство како што се претходните министри кои „влијаеле за заташкување на случаевите“.
-Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболицираат инволвираните од нивните злосторства, доколку ние тоа не го дозволиме. Ултиматумот од минатата недела не е исполнет, особено барањето ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата, велат организаторите на социјалните мрежи.
Инаку, нивните барања се: Истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и директорот Нино Васев; Проширување на истрагата на работата на Детска онкологија; Целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија; Правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија; Обелоденување на инфорамциите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово; Одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривичо дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.