Нема да има средба на американскиот претседател Џо Бајден со палестинскиот претседател Махмуд Абас и со претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси. Тие требаше денеска да разговараат за ситуацијата во Газа, но средбата во главниот град на Јордан е откажана по експлозијата во болницата во Газа во која загинаа над 500 Палестинци.
– Сега нема смисла да се зборува за ништо друго освен за запирање на војната, изјави шефот на јорданската дипломатија Ајман Сафади за ТВ Ал Џезира.
Официјален претставник на Белата куќа изјави дека по експлозијата во болница во Газа, Бајден ја откажа и посетата на Јордан.
– По консултациите со јорданскиот крал Абдула Втори и земајќи ги предвид деновите на жалост што ги објави претседателот на палестинската управа Абас, претседателот Бајден ќе го одложи своето патување во Јордан и неговата планирана средба со овие двајца лидери и со египетскиот претседател ал-Сиси, истакна тој.
Според него, Бајден наскоро лично ќе разговара со лидерите и се согласи да одржува редовен и директен контакт со секој од нив во наредните денови.
Во нападот врз болница во Газа загинаа стотици Палестинци, со што се продлабочија тензиите на Блискиот Исток и се зголемија влоговите за американскиот претседател Џо Бајден, кој денеска замина за Израел за да изрази поддршка за неговата војна против Хамас. Се очекува да пристигне во Изреал во 10 часот по локално време.
Шефот на цивилната одбрана на Газа соопшти дека бројот на загинати е 300, додека извори од Министерството за здравство објавија за 500 жртви.