Собранието денеска ќе ја одржи 141. седница со единствена точка на дневниот ред избор на влада на Република Северна Македонија. Талат Џафери, мандатарот на оваа преодна влада која се формира на сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај, вчера ја достави програмата и Предлог-составот на новата влада. Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Мандатарот Талат Џафери ги достави програмата и Предлог – составот на преодната Влада до Собранието, а спикерот Јован Митрески седницата за избор на новата Влада ја закажа за денеска 28 јануари.
Во Програмата, меѓудругото, мандатарот Џафери наведува дека приоритет на оваа влада ќе бидат успешно организирање на слободни, фер и демократски избори на 24 април и 8 мај, продолжување на сите процеси кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со ЕУ и забрзаната европска интеграција, раст и развој на економијата, пораст на животниот стандард преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите во 2024 година, намалување на инфлацијата, и одржување на ценовната стабилност и на вработеноста, директна поддршка на граѓаните и компаниите во 2024 година, владеење на правото, борбата против криминалот и корупцијата, целосен ред и поредок на државата, продолжување на реформските процеси на сите државни нивоа.
-За таа цел владата врз основа на широкиот меѓупартиски дијалог ќе овозможи ефикасно имплементирање на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и останатите меѓународни организации со цел да се овозможат највисоките европски стандарди во процесот во изборната кампања и самите избори, односно да се одржат избори со целосен легалитет, легитимитет и консензуално прифаќање на изборната волја на граѓаните, се посочува во програмата на мандатарот Џафери.