Комеморативни манифестации по повод 81 година од холокаустот на македонските Евреи се одржаа денеска во Битола и во Штип. Еврејската заедница и Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија со „Поворка на живите“ што се одржа од еврејското маало до Железничката станица, одбележаа 81 година од холокаустот на битолските Евреи. Комеморативната програма почна со оддавање почит пред споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на народната хероина Естреа Овадија Мара.
-Битола како културен и историски центар, но и град страдалник, град кој и 81 година по депортацијата на битолските Евреи не заборава на 11 март, не го заборава трагичниот ден и оддава почит на своите сограѓани. Целта е да паметиме и да не заборавиме, да не се повторуваат тие тажни моменти, а ние како Битола и битолчани, секогаш ќе го чуваме споменот за нашите сограѓани и ќе го чуваме во нашата меморија, рече градоначалникот Тони Коњановски.
Според востановената традиција во Битола пристигнаа повеќе гости од Израел, од Еврејската заедница во Македонија, организации, студенти и ученици кои положија цвеќе на Еврејските гробишта во овој град.
-Денеска е денот кога се сеќаваме на едно многу тешко време, на денот кога најголем дел од нашите предци беа собрани и од бугарскиот фашистичкиот окупатор однесени во логор каде никој не преживеа. Битола е град за кој секогаш со љубов зборуваме за нашите предци, се сеќаваме на убавиот соживот, на приказните што сме ги дознале од нашите предци, за другарството и пријателството, за соработката во чаршијата и за дружењата меѓу соседите. За жал, ова е време кога не треба да заборавиме дека и денеска во светот постојат вакви лоши моменти и чувства и затоа сакаме да ја пренесеме пораката дека ова никогаш не треба да се повтори, нагласи Здравко Шами, поранеше претседател на Еврејската заедница во Македонија, во моментов претставник на Еврејската дијаспора.
Во „Поворка на живите“ од Здравствен дом „д-р Хаим Абраванел“ до железничката станица се вклучија и претставници на невладини организации и граѓани на Битола, кои на шините поставија цвеќе во знак на сеќавање и почит на битолските Евреи кои на 11 март 1943 година беа депортирани во логорот на смртта Треблинка.
Во Штип се оддаде почит на 543 Евреи кои насилно биле однесени во логорот на ужасите Треблинка.
-Пред 81 година светот ја доживеа најтрагичната епизода во својата човекова историја, а ужасите во Треблинка не смеат да се заборават. Еврејската заедница е нераскинлив дел од нашето минато, но и наша обврска да ја продлабочиме соработката којашто ја имаме со Еврејскиот народ. Дефинитивно и во периодот што следи како град имаме обврска да ја вклучиме Еврејската заедница во организирање на културно-уметнички настани, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
На комеморативната седница во Општина Штип присуствуваше и амбасадорката на Израел во Македонија, Симона Франкел.
-За мене претставува чест, како и секоја година, да бидам тука за комеморацијата на Еврејската заедница која беше депортирана за време на Холокаустот и прво испратена во скопскиот Монопол, па потоа во камповите на смртта во Полска, каде што беа убиени за време на холокаустот. За жал, многу малку луѓе преживеаа во овој камп на смртта, рече Франкел.
Традиционално и оваа годинава се одржа „Поворката на живите“, а делегација ги посети споменикот на депортираните Евреи и Еврејските гробишта во Штип.