Модерно наводнување на најмалку 6.500 хектари во текот на целата година, зголемување на обработливите површини за пет пати, помали трошоци и поконкуреннто производство, ќе овозможи браната „Конско“ чија изградба и официјално е завршена. Овој капитален проект, како што беше речено на денешниот настан, е најголем во државава во последните 50 години, а се реализира со инвестиција вредна над 40 милиони евра, обезбедена директно од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Водата од акумулациското езеро, освен за наводнување, ќе се користи и за производство на електрична енергија. Акумулацијата ќе овозможи и развој на руралниот туризам, спортски и рекреативен риболов, но ќе добие и нова, дополнителна вредност со предвиденото поставување на пловечките фотоволтаци.
Според претседателот на државата Стево Пендаровски, изградбата на браната „Конско“ како дел од Хидромелиоративниот систем „Гевгелиско поле“ е една од најсериозните инвестициии во македонското земјоделство, но и на енергетски план со оглед дека транспортирањето на водата за наводнување може да се користи и за производство на електрична енергија.
-Со оваа нова акумулација плодниот македонски југ, гевгелиското поле ќе има можност за пристап до дополнителни сериозни количини вода за наводнување што е предуслов за соодветен принос на земјоделските култури. Покрај гевгелискиот регион, акумулацијата ќе може да ги снабдува со вода за наводнување и Богданци и околината, како и дојранскиот регион, рече Пендаровски.
Поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски потенцира дека денешниот ден е многу значаен за земјоделството.
-Ставаме крај на шестдеценискиот предизвик. Од денеска ќе има доволно вода за наводнување и развој на земјоделството во овој регион. Оваа брана, најголем проект во последните 50 години во државава, за малку помала од Мавровската, ќе го развие и туризмот, многу скоро ќе дојдат инвеститори кои ќе сакаат тука да изградат објекти. Горд сум што оваа голема инвестиција почна и заврши за време на Владата на СДСМ. Ако некој можеше во минатото, пред две декади, да упати критика до нас дека не сме ги довршувале работите, ова е најдобра потврда за спротивното, нагласи Ковачевски.
На настанот присуствуваа поранешниот премиер Зоран Заев кој на Фејсбук напиша дека со огромно задоволство присуствувал на церемонијата.
-Граѓаните и земјоделците во три општини во југоисточниот дел на земјата, во Гевгелија, Богданци и Дојран, со изградбата на ХС Конско почната во 2018 година, добиваат капитален инфраструктурен проект за снабдување со вода и за полевање на 13.500 хектари земјоделско земјиште. Изградбата на овој хидросистем претставува крупен инфраструктурен зафат и ивнестиција со мултифункционална улога и втор по големина после изградбата на хидросистемот и ХЕЦ Козјак во скопскиот регион изграден во 2004 година, наведе Заев.
Изведувачот на работите на браната „Конско“ е турскиот конзорциум од компаниите „Серка“ и „Ак Ели“, а надзорот го вршеше Градежниот институт.