Невакцинирани или нецелосно вакцинирани деца со Ди Те Пер вакцината од денес нема да се примаат во детските градинки. Здравствените инспектори почнуваат со вонредни контроли. Забраната и контролата важи и за приватните детски градинки.
Истовремено, како што најавија од инспекторатот, ќе се задолжат и вработените во предучилишните установи да изготват списоци со имињата на сите невакцинирани деца.
-Решенијата за забрана ќе ги издаваме на правниот субјект односно на градинките. Додека детето не се вакцинира со ДиТеПер и не ги прими дозите нема да смее да посетува градинка, со цел да го зголемиме опфатот на вакцинација и да го заштитиме здравјето на децата. Забраната важи и за државните и за приватните детски градинки подеднакво, вели Рената Младеновска директорка на ДЗСИ.
Вонредните контроли на здравствениот инспекторат доаѓаат по препорака на Комисијата за заштита од заразни заболувања и одлука на министерот за здравство со цел да се спречи ширењето на епидемијата со пертусис.
Лекарите велат дека ваквите мерки се потребни за да може да се стопира големата кашлица. Предупредуваат дека болеста е најопасна токму за најмалите деца кај кои може да даде и потешки компликации.
-Детскиот имунолошки систем е толку кревок што оваа болест во одредени случаи може да направи големи проблеми, освен доенчињата и децата од школската возраст се засегнати, хоспитализацијата е во оној момент кога веќе не може да биде контролирана кашлицата и предизвикува многу поголеми проблеми не само на респираотрниот систем, туку и на кардиоваскуларниот, како еден вид на тотална инфламација на самиот организам.Ќе апелирам при првите моменти на симптоми коишто ќе бидат приметени кај детето, родителот да се јави кај матичниот лекар или педиајтар, да се направи тестирање и да се знае што побрзо за да се прави превенција, за да го избегнеме хоспитализација, вели д-р Ангелчо Андоновски специјалист педијатар.
Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 01-07 март пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица. Четириесет и три се во Скопје, 3 случаи се пријавени во Тетово, и по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и Битола. Од новите 50 случаи, 5 се хоспитализирани, сите се деца до четири годиншна возраст. Од почетокот на годинава, вкупно регистирани се 173 случаи на голема кашлица во земјава.