Ноќеска на полноќ заврши рокот за поднесување кандидатски листи за изборите за пратеници на 8 мај. Како што информираат од Државната изборна комисија поднесени се 17 листи за пратеници. Последна листи до ДИК синоќа достави партијата „Нова Алтернатива“ чија претседателка е градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, но не во сите изборни единици туку во првата, втората, третата и четвртата.
За сите шест изборни единици листи поднесоа коалициите предводени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, коалиција „Македонска ера трета сувереност“, „Левица“, Европски фронт предводен од ДУИ, партијата ЗНАМ и „Работничка партија“. Листи поднесоа и партиите „Родина“, потоа „Аваја“ за третата, четвртата, петата и шестата изборна единица и „Твоја“ за првата, втората, третата и четвртата изборна единица.
Единаесеттите парламентарни избори во земјата се редовни и ќе се одржат на 8 мај.
Редоследот на гласачкото ливче на коалициите и партиите ќе биде под ист реден број како и за претседателските кандидати, додека за останатите партии ќе се изврши дополнително жребување во Државната изборна комисија, согласно последните измени на Изборниот законик.
На редовните парламентарни избори гласање нема да се спроведува во дијаспората, додека за претседателските избори ќе се гласа.
ДИК вчера на седница го заклучи и Избирачкиот список за парламентарните и за претседателските избори. Во Избирачкиот список за парламентарните избори запишани се 1.815.350 избирачи, додека за претседателските избори 1.814.317 избирачи.
Претседателските избори во земјата ќе се одржат на 24 април, додека вториот круг од изборите се очекува да се одржи на 8 мај истовремено со вториот круг од претседателските избори.
Изборната кампања за претседателските избори почнува утре 4 април, а завршува на 22 април, додека кампањата за парламентарните избори почнува на 18 април и завршува на 6 мај. За првпат досега ќе има преклопување на кампањата за двата вида избори.