Власта да даде отчет, а не само нови (стари) ветувања!

Колумна на Никола Тасев:

Нормално е, во сите држави, политичарите пред избори да ветуваат. И во Македонија е така! Но во нормалните држави (со кои сакаме да се здружиме), нормално е избраните функционери да исполнат најголем дел од ветеното. А и пред секои нови избори да дадат отчет каде ги трошеле парите од претходниот мандат и зошто не реализирале нешто од ветеното. Кај нас пак, нормално е само да ветуваат, ветуваат, ветуваат… и нормално е, и без да се исполни најголем дел од ветеното и без да се даде отчет на трошењето, истите тие функционери да се впуштат во нова кампања. И пак со многу ветувања!

Ова македонска политичка „нормалност“ мора да прекине! Доста е од таквите практики кои ја наполнија Македонија со поставени камен темелници, ама нема градби. Доста е од тоа преполни државни буџети, а да не се објасни каде отидоа парите.

Секој функционер од власта кој со нови ветувања, но и со злоупотреба на јавните ресурси ја покрива лошата реализацијата на старите ветувања, треба да биде казнет од гласачите. А и отчет на сработеното мора да има. Затоа, владините функционери пред да тргнат во новата кампања, мораше да излезат со извештаи за сработеното и да дадат детален опис на потрошеното. Затоа што тоа е нормално! Затоа што така треба да биде, оти тоа е одговорност при работењето.

Ама гледаме дека СДСМ и ДУИ си тераат по старо, по нивната логика ако за нешто си ветил, а не си реализирал, вети го истото повторно, само покачија сумата и викај на митинзи посилно.

Гледам дека и кај програмата (од она што е достапно досега) многу не се помачиле. Впрочем програмата им е истата од пред 4 години, затоа што од неа најголем дел не реализираа. И замислете сега излегуваат министрите и велат: „Даваме збор ова што го ветуваме ќе го реализираме“. Што си мислат тие – дека имаме кратко паметење?

А и програмата повторно им е општа. Еве само еден пример околу реформата на образованието, каде што најавуваат “безбедни ученици и бесплатен оброк за секое дете“. А каде е образованието во оваа реформа? Ние децата не ги испраќаме во училиште за да бидат тепани или за да се најадат, напротив ги испраќаме да учат. Или пак сметаат дека со крајно неуспешната и контрапродуктивната реформа на поранешната нивна министерка Царовска си ја завршиле работата? А токму за таа реформа се дигна целата фела од образованието и науката за да протестира и да им укажува колку е неуспешна и несоодветна и дека треба да се смени.

А и отчет не видовме!

Нека ја погледнат сопствената изборна програма од пред 4 години и нека потцртаат што реализирале, а и да објаснат зошто останатото не е реализирано. А во финансискиот отчет, со спецификации по ставки, нека објаснат за што се потрошени околу 20 милијарди евра колку што изнесуваа буџетите во минатите 4 години. Оти парите се потрошени, а реализирани проекти речиси да нема.

Еве, барем нека излезат и нека покажат што покрупно е направено – изградено во Македонија во нивниот мандат.

А, да, всушност имаат тие  некаков си очет на партиската веб страница на СДСМ, каде што велат дека во нивниот мандат ги почнале преговорите со ЕУ. Класична лага! Секому му е јасно дека преговорите не се почнати, токму заради нивното слепо прифаќање на услови од Софија и Брисел, што не можеа да ги реализираат.

Вториот отчет им е дека ја намалиле невработеноста на 13 отсто. Ова е точно, но точно е дека во нивниот мандат тие го намалија и населението во Македонија. Цел еден град како Куманово се исели од државата. И како оди тоа: некој што бил вработен се отселил од Македонија со цело семејство, а на негово место се вработил некој што претходно бил невработен. Значи владата на СДСМ не создала услови за да се отворат нови работни места, туку „создала услови“ работоспособните луѓе да се отселат и да творат и работат во други земји.

Созреано е времето на 8 мај граѓаните, гласачките ливчиња да ги претворат во црвени картони и да им ги поделат на сите функционери од власта, кои изминативе 4 години ја фаулираа Македонија. Нови играчи ќе знаат да дадат голови за сите во земјата да почнеме да победуваме и во економијата и во образованието и во здравството…

 

Претходна вестСо крос мотор преку Танушевци сакал да избега за Косово, полицијата го притвори
Следна вестНова Алтернатива на Арсовска поднесе листи за пратеници