Колумна на Владимир Величковски:
Прва задача е како да се воспостави ред и функционалност во една малубројна и поделена држава? Кој да ни каже и да го спроведе тоа кога сите мислат на грабеж и личен интерес. Кој е загрижен дека долго време пропаѓа, порано респектираниот Музеј на Македонија, но не само таа институција. Денеска емоциите ни се врзани за опожарената Универзална сала подигната во 1963 година. Таа стана симбол на солидарноста (Универзална е бугарски проект како и гимназијата „Георги Димитров“) кој во долг период одржуваше чувство на присутност во некои светски релевантни движења во културата. Пред Универзална се закажуваа средби, а со нејзиното исчезнување од сцената се губи уште еден дел од „пејзажот на душата“ на град и неговите жители. Зошто девет години гледавме уште една „црна дупка“ во културата и уметноста во градот и Македонија?
Ете, повторно дојде „време на промени“, по едно следеше друго лошо владеење. Дали историјата се повторува ако се потсетиме, со длабока тага на старата вистина дека „Македонецот убива Македонец за Македонија“. А сегашниве кандидати за претседател следат една шема на пропаганда, неубедливи со повторување на едни исти фрази и ветувања кои се во расчекор со можностите и стварноста. Според лошите резултати во „минатиот труд“ на високи функции некои од нив не би требало ниту да се кандидираат. Меѓутоа, следејќи ја практиката тие посакале и натаму да владеат за да се грабне и доуништи што е можно повеќе. Нема темелно замислени проекти со конкретизирани елементи. Целата сила и умеење ја користат за беспоштедна, „црна кампања“ наместо сериозно да се замислат што да направат корисно и за општо добро. Имаме кандидат за „европски“, а не за „македонски“ претседател, а агитира за поддршка и до македонските гласачи? Една од потешките задачи е како да се решава криминалот и корупцијата, како да се ослободите право и правдата од канџите на партиите на власт? Се појасно е дека се случува ни се случува бедно образование и не само „здравствена хаварија“ (три дена нема да работела хирургија на Клиника). Секако има исклучоци. Како да се задржат, како да се школуваат и обучуваат нови квалитетни кадри? Се осмелија да предложат нови еко програми (првата заврши пред да почне). Од Тетово (под Шара) направија град на големи несреќи, светски рекордер на загаденост. Стигна абер (читај наредба) дека Македонија се оценува како „циклична хибридна“ држава која мора да го задржи духот на Преспанскиот договор во Нивици, како беспоговорно понижени пред европската Грција и Бугарија.
Покрај расипничкото владеење со земјата не стивнуваат нови обиди да се грабне колку се може. Во последната деценија не е завршен ниту еден автопат, а проектот (личен или државен) на „Бехтел и Енка“ никако да почне да се реализира. Крстосуваат по земјата за привлекување на гласови, но не се освојува толку лесно довербата од народот. Се откриваат скандали за добро платени советници од други земји, кои знаеле како се освојува власта. Ниту медиумите не успеваат да го задржат прифатливото ниво на комуникација со јавноста. Но, луѓето, познато е, повеќе сакаат лаги, или да „уживаат“ во скандали, отколку да ја слушат правата вистина, што ја чувствувам на сопствената кожа. Ни се наметнуваат поделби на проевропски и проруски „сили“ во земјата. Меѓутоа, пред уцени и закани повеќе не треба да се потклекнува. Лесно може да се претвориме во земја – судница и повторно да ни бега правото и правдата. Надежта и гордоста ретко се израмнуваат со желбите во стварноста.