„Левица“ од Битола: Подаваме рака до ВМРО-ДПМНЕ за заедно да не ги донесеме уставните измени

Пред граѓаните стојат три платформи во изборот за претстојните парламентарни избори, порача вчера лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев од собирот во Битола.

-Имате три платформи. Првата платформа е Тиранска платформа зад која стојат необалистички партии на албанското малцинство без оглед дали е ДУИ, дали е коалиција ВРЕДИ – тоа е еден ист концепт, кој води кон разградување на државата. Втората платформа е Софиска платформа зад која што стојат македонските буржујски партии: СДС и ДПМНЕ. И третата платформа, која ние денес јавно ја обзнанивме – тоа е Македонска платформа во 5 точки за зачувување на територијалниот интегритет, суверенитет, унитарноста и државните инсигнии, потенцира тој.

Тој додаде дека „Левица“ ќе коалицира со влада која ќе ги прифати црвените линии во одбрана на македонската држава.

Јована Мојсоска, носител на листата за пратеници од Петтата изборна единица и Генерален секретар на „Левица“, ги повика претставниците на ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите, ,,заедно да не дозволиме да се потпишат уставните измени”.

-„Левица“ во Битола во изминатиов период докажа дека се спротивстави на Софиската платформа. Тука ние организиравме неколку протести и успеавме да го затвориме Фашистичкото дувло „Ванчо Михајлов“, кое никна токму тука во Градот на Стив Наумов. Затоа во пресрет на 8 мај, ние подаваме рака до ДПМНЕ, за заедно да не се донесат уставните измени и да се спречи внесувањето на Бугарите во Уставот! Левица е тука и Левица е отворена да се спротивставиме на сите уцени, кои доаѓаат од надвор, како и на уцените кои доаѓаат од внатре, истакна Мојсоска.

 

 

 

 

 

Мојсоска повика заеднички да ги заштитиме интересите на Македонија и на македонскиот народ.

 

Заедно да ги поставиме црвените линии на сите уцени за федерализација на Македонија, како и за желбите на одредени партии – изборот на претседател да се врши во Собранието.

 

Мојсоска нагласи дека е потребно повторно да се врати сјајот на Битола со обновување на инфраструктурата и децентрализација на образованието, со што Битола повторно ќе стане студентски и образовен центар, а младите ќе ја препознаат својата иднина во Битола .

 

Претходна вестЈСП „Скопје“ утре ќе вози по неделен возен ред
Следна вестЧетворица полицајци убиени при апсење на криминалец во САД