Македонската армија ќе добие 13 милиони евра помош од ЕУ

Армијата на Република Северна Македонија (АРСМ), ќе добие 13 милиони евра помош во рамки на Европскиот мировен фонд (ЕПФ), одобри денеска (25 септември) Советот на ЕУ. Тие ќе бидат наменети за зајакнување на капацитетите и способностите армијата.

-Мерката за помош ќе ги зајакне капацитетите на Северна Македонија за нејзино учество во операциите и мисиите во рамки на заедничката безбедносна и одбранбена политика на ЕУ и другите меѓународни мисии, соопшти Советот на ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во соопштението се нагласува дека оваа одлука дополнително ја илустрира зголемената поврзаност на ЕУ со земјава во областа на безбедноста и одбраната.

Согласно одлуката, ЕПФ ќе обезбеди технологии наменети за разузнавање, надзор, извидување, електронско војување и сигнално разузнавање, логистичка и инженерска опрема, како и комуникациски и информациски системи и техничка обука за користење на опремата.

Европскиот мировен фонд е основан во март 2021 година за финансирање на активности во рамките на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ насочени кон спречување конфликти, зачувување на мирот и зајакнување на меѓународната безбедност и стабилност.

Преку ЕПФ, ЕУ финансира активности наменети за зајакнување на капацитетите на трети држави и регионални и меѓународни организации поврзани со воени и одбранбени прашања.

Претходна вестОрбан пристигнува во дводневна официјална посета на земјава
Следна вестТуфегџиќ: Убиствата на Вања и Панче се класична егзекуција, нон сенс е да се тврди дека е убиство од интерес, вели Туфегџиќ