Мицкоски за одвојувањето на Албанија и Македонија: Доста е веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава, само се изживуваат со нас.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја коментираше неофицијално потврдената информација дека Албанија ќе ги започне преговорите со ЕУ на 15-ти октомври и отворање на првиот кластер, додека Македонија и понатаму ќе биде условена со Преговарачката рамка, односно внесувањето на Бугарите во Уставот. Според премиерот, тоа веројатно ќе се случи и уште кога беше во посета на Брисел, било соопштено и кажано.

-Се испраќа лоша порака кон македонските граѓани затоа што како држава имаме поминато многу откако го почнавме патот кон полноправно членство во ЕУ. Многу работи кои никој не ги направил, а ние ги направивме, а немаат никаква врска со Копехашките критериуми. Ние сме единствен случај во кој билатерaлни договори се услови во Преговарачка рамка. Жалам што претходната Влада егзибиционистички прифаќаше се и мавташе со европско знаме, а го ограбуваше народот. Гледаме дека состојбата е таква каква што е. Го делам впечатокот со огромно мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе врз основа на национални отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија, тогаш не благодарам. Тоа не се европски вредности, рече Мицкоски при посетата на Фондот за здравствено осигурување.

За Мицкоски, очигледно е дека немаме решение за уставните измени.

-Ова го имам дискутирани и со австрискиот министер за надворешни работи Шаленберг. Доста е веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава. Само се изживуваат со нас. Сакаме да преговараме. Што е толку тешко да се прифати нашиот предлог и овие уставни измени да бидат ефективни кога бугарскиот Парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Очигледно дека некој нема чесни намери, истакна премиерот.

Повторно се повика на принципот „Пацта сунд серванда”, кој како што рече, ако важи за Преспанскиот договор, треба да важи и за Договорот за добрососедство со Бугарија.

-И покрај многуте критики како нова Влада го прифативме Преспанскиот договор и ако тој принцип важи за тој Договор, тогаш ЕУ и Брисел треба да го прифатат „Pacta sund servanda“ и за Договорот за добрососедство, во кој никаде не стои дека услов мора да биде ние да го промениме Уставот. Таму никаде не го пишува тоа, дури пишува и дека Бугарија треба да не поддржува и да ни помага. Кога ние зборуваме за одложено дејство, зборуваме за тоа по успешно завршување на разговорите и ратификација на претпристапниот протокол подготвени сме да прифатиме промена на Уставот и за многумина во Брисел беше што е сега ова, а тоа не е ништо поразлично од Преспнаскиот договор, изјави Мицкоски.

Претходна вестЕК очекува старт на преговорите по кластери со Северна Македонија штом таа ги исполни договорените релевантни критериуми
Следна вестКлековски: Злоупотреби има во цело јавно здравство, ги прибираме доказите