Сиљановска Давкова: Мојата држава Република Северна Македoнија ги исполнува меѓународните обврски

Мојата држава Република Северна Македонија – рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на генералната дебата на 79-тото заседание на Генералното собрание на Обединетите нации. Пред претставниците на државите членки на ОН таа потсети дека земјава во 1993 година беше примена во организацијата под привремена референца и и беше наложено да го реши спорот за името, а по Преспанскиот договор од 2018 година „Република Македонија формално-правно стана Република Северна Македонија“.

-Новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски, порача претседателката.

Ова е првпат јавно Силјановска-Давкова да го употреби уставното име на земјава.

Првото обраќање на Сиљановска-Давкова како претседателка помина без употреба на името на државава. Давајќи заклетва во Собрание во мај годинава, Сиљановска-Давкова користеше Македонија наместо Северна Македонија.

Таа потенцира дека најзината татковина се соочи со голема неправда. Имено, таа беше примена под привремената референца, поранешна југословенска Република Македонија, но и со дополнителен услов да преговара за изнаоѓање конечно решение за спорот за името. Во 2018 година беше потпишан и ратификуван Преспанскиот договор, по што следуваа неуспешен референдум и уставни измени со кои Република Македонија формално правно стана Република Северна Македонија.

-Како професорка по уставно право и како поранешна членка на Венецијанската комисија, знам дека она што е легално не секогаш е праведно и легитимно, оти во случајот на мојата држава, не се постапуваше во согласност со меѓународното и националното право, односно „се заборави“ правото на самоопределување на секој народ, загарантирано со Повелбата на ООН и уставот на СФРЈ од 1974 година. Линијата којашто го двои легалното од праведното, понекогаш е само пукнатина, но друг пат е длабок јаз, па дури и бездна. Тој јаз, таа бездна најчесто и најтешко ги погодува малите народи и држави коишто се први жртви на судирот меѓу силата и правдата, оти може да биде непремостлива препрека за остварување на правото на прогрес. Се разбира, новото име е формално-правна реалност и мојата држава Република Северна Македонија, како одговорна земја членка на Обединетите нации и на НАТО, ги исполнува меѓународните обврски. Но, членството во ЕУ, заради кое го прави тоа, не само што не се оствари, туку македонските граѓани сега се пред нов, повторно „последен услов“ за уште една уставна измена, но, не за членство, туку за почеток на преговорите и тоа по втор пат!, рече Сиљановска Давкова.

Укажа дека за нас, членството во ЕУ, по 20 години преговори и дури 16 позитивни извештаи од Европската комисија, наликува на господинот Годо, оти го чекаме од 2005 година, охрабрувани од меѓународните претставници со рефренот: „уште само овој услов“, „уште само оваа отстапка“, „уште само оваа уставна измена“. Така, станавме „суи генерис” држава, со 36 уставни измени за 30 години, закотвена во геополитичкиот регион наречен „Западен Балкан“!

-Како мирољубива држава, посветена на добрососедството и на регионалната соработка, очекуваме разбирање и соработка со нашите соседи, без закана со вето, зошто каде што има вето, честопати, нема правда. Ветото стана инструмент за билатерализација на евроинтеграцијата, односно нејзина стагнација. Во услови на конфликт на европското тло, стагнацијата на евроинтеграцијата не само што ги демотивира македонските граѓани и ги забавува реформите, туку и го дестабилизира регионот на Југоисточна Европа, оставајќи простор за продор на малигни империјални и великодржавни влијанија. Проширувањето мора да се врзе за меритократските Копенхагенски критериуми и да се ослободи од ветоизацијата врзана за обидот за ревизија на историјата и непочитување на националниот и културниот идентитет. Од нашите европски и стратешки партнери очекуваме разбирање и праведно деблокирање на процесот на преговорите за членство во Европската Унија, отфрлање на двојните стандарди и почитување на сопствените принципи и вредности, вградени во основните уставни документи, нагласи македонската претседателка.

Според неа, европската реунификација е како недовршена симфонија без нас.

-Европската Унија не е само политички систем, туку и политичка филозофија во која веруваат најголемиот број македонски и балкански политички актери и граѓани. Интеграцијата е моќен мотив и клучна сила за демократскиот развој. Целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите и на балканизацијата како феномен. Но, се разбира, балканските држави мора да се однесуваат според европските стандарди, регионално поврзувајќи се и соработувајќи. Драгоцено е искуството и очекувана е помошта на земјите од регионот кои станаа дел од ЕУ, но и на оние коишто се на трасираниот европски пат. Мора да научиме да се поддржуваме едни со други, како во случајот со ковидот, поплавите и пожарите, наместо да се блокираме на европскиот пат. Хомо Балканицус може да биде Homo Europicus, кога сака!“, кажа Сиљановска Давкова.

 

Претходна вестСо строг пост и во слава на Чесниот Крст се празнува Крстовден
Следна вестБугарското собрание официјално побара заедничко чествување на празници со Македонија