Меѓувладина седница и тет-а-тет средба на Мицкоски и Орбан

Заедничка меѓувладина седница на Северна Македонија и Унгарија ќе се одржи денеска во Охрид откако претходно премиерите на двете држави Христијан Мицкоски и Виктор Орбан ќе одржат тет-а-тет средба.

Седницата ќе се одржи во хотелот „Инекс Олгица“, а веднаш потоа на истата локација се очекува двајцата премиери да одржат прес-конференција.

Унгарскиот премиер, кој ја предводи владината делегација, од вчера е во посета на земјава.

Унгарија во моментов претседава со ЕУ, а Орбан во втората половина од годинава е и претседател на Советот на Европската Унија.

Како што информираат од Владата, на маргините на дводневната посета предвидена е и прошетка во Охрид, посета на црквата Богородица Перивлепта, Античкиот театар и манастирскиот комплекс Свети Наум, а премиерите на двете земји ќе положат цвеќе пред споменикот на Свети Кирил и Методиј во Охрид.

Во Охрид се преземаат неопходните безбедносни мерки, а за безбедно и непречено движење на делегацијата низ градот и околината најавен е времен режим на сообраќај. На улиците Илинденска и Коста Абраш е забрането запирање и паркирање возила, а додека ќе се движат возилата на делегациите привремено за сообраќај ќе бидат затворени булеварите Туристичка и Македонски просветители, улиците Абас Емин и Кирил и Методиј како и регионалниот пат Охрид – Св.Наум.

За време на Самитот на НАТО во Вашингтон што се одржа во првата половина на јули, Мицкоски со Орбан договорија кредит од Унгарија во висина од 500 милиони евра. На 17 септември, Законот за унгарскиот кредит беше изгласан во Собранието, по скратена постапка.

Заемот од Унгарската експорт – импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25%. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Орбан во 2013 година бил во официјална посета на земјава, кога и е одликуван со Орден „8 Септември“  за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и мирољубива соработка на Македонија и Унгарија. Орденот му го врачи тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов, а имал средби и со тогашниот премиер Никола Груевски.

Претходна вестВласта на СДС и ДУИ преку владиниот секретаријат за една година потрошила 23 милиони евра на сомнителен начин, вели ВМРО-ДПМНЕ
Следна вестПочнува фестивалот „Звукот на Скопје“