Голем пожар во повеќекатница во Чаир, има повредени, почна во подрумските простории

Најмалку шест лица побарале лекарска помош по вдишување на чад од пожарот кој рано утрово ја зафати станбена повеќекатница во скопската општина Чаир. Според првичните неофицијални информации, пожарот избувнал во зграда на улица „Серава“ и почнал брзо да се шири.

Од МВР потврдуја дека има пожар и дека е во тек интервенција на противпожарникарските екипи. Во соопштенето се наведува дека меѓу повредените се еден полицаец и еден пожарникар. Според информациите кои ги објави МВР, пожарот избувнал пред 2 часот утрово во подрумските простории на зграда во скопски Чаир.

-На 02.10.2024 во 01.55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на ул. „Серава“ во Скопје. На лице место упатена е екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и полициски службеници од СВР Скопје. Поради вдишување на чад до 06.30 часот во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување помош се јавиле неколку лица, од кои еден пожарникар и еден полициски службеник. Во 06.30 часот од кровот на зградата биле симнати повеќе станари и ниту еден нив немал повреди. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, се вели во соопштението на МВР

Со огнот била зафатена и продавница на приземјето и магацински простор.

Пожарникарските екипи напоредно со гаснењето на огнот организирале и евакуација на станарите од погорните катови. Евакуација не се врши преку влезната врата на зградата туку со посебни скали преку терасите и покривот на зградата.

Од Итната медицинска помош за телевизија Телма изјавија дека нема потешко повредени лица.

Фото: Архива

Претходна вестНово обвинение против Рамиз Мерко
Следна вестМНР го осуди иранскиот напад врз Израел и апелира да не се патува