Скокање од камион во движење по кое се здобиле со повреди бил единствен спас од задушувањето за двајца мигранти кои биле шверцувани во камион на демихисарецот А.Т. (27). Полицијата денеска соопшти дека поднела кривична пријава против возачот од село Кутретино, демирхисарско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“.
Во инфорамцијата на полицијата се наведува дека синоќа околу полноќ добиле дојдава дека на пат Куманово – Крива Паланка, кај место викано „Ливаде“ биле забележани две товарни возила од кои излегле мигранти. Од полициските службеници биле пронајдени двајца повредени мигранти од Пакистан и Бангладеш, кои биле пренесени во Општа болница во Куманово за укажување на лекарска помош.
–Притоа, еден од нив се здобил со тешки телесни повреди, додека вториот мигрант се здобил со телесни повреди, информира полицијата.
Во врска со случајот, на место викано „Четал“, во Страцин, од полициски службеници било запрено товарно возило со полуприколка, управувано од пријавениот.
-При ова било утврдено дека тој со товарното возило прифаќал и превезувал мигранти, но поради недостаток на воздух во него, мигранитите биле принудени да скокнат од возилото додека било во движење, информира полицијата.
Од страна на судија на претходна постапка, на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, по што истиот бил спроведен во КПУ „Затвор Скопје“.