Поранешниот претседател на Кривичен суд Владимир Панчевски од денеска е во притвор во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари откако самиот се пријавил по распишаната потерница по него. Тој се појавил во затворот на пладне, по што е ставен во притвор.
Основниот суд во Велес вчера распиша потерница по него откако полицијата не можеше да го најде за да биде ставен во 30-дневен притвор. Ова санкција му беше определна од велешкиот суд заради тоа што тој девет месеци не се појавил на судењето за случајот АКМИС и местењето предмети кај подобни судии во време кога бил претседател на кривичниот суд.
Панчевски пет дена не беше достапен за органите на прогонот кои го бараа во неговиот дом и на други локации и по што беше објавена потерницата.
Панчевски се товари дека во периодот од јануари 2013 година до септември 2016 година влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите, давал наредби и насоки кој предмет кај кој судија да се распредели и со тоа ја злоупотребил службата и ги пречекорил границите на своите овластувања.
Според сознанијата, судењето треба да продолжи на 24 јули.