Мамо, ги видов другарите, има и нови играчки во градинката…

„Како помина денеска, се играше ли, се виде ли со другарите…“ го прашуваше мајката додека го пресоблекуваше своето дете кое го зема од градинката „Корчагин“ кај старата Градска болница во центарот на градот. Петгодишното детенце и кажуваше дека е многу задоволен оти пак оди во градинка.

-Беа сите другари, Марко, Дамјан… Имаше и нови играчки, убаво беше, и кажуваше задоволно тој додека излегуваа од дворот на градинката.

Околу 15 часот пред влезот на оваа градинка имаше и други родители кои чекаа да ги земат своите деца. По паузата од седум месеци денеска за прват ги донесоа децата во градинките за да бидат згрижени додека се тие на работа.

-Решивме да го донесеме синчето бидејќи и мажот и јас сега мораме да бидеме на работа. Мислам дека децата ќе бидат сигурни и дека персоналот ќе води сметка да тоа некој да не се зарази. Ние му измеривме изутринава температура а и тука мереа. Внатре сѐ беше согласно протоколите. На влезот има средства за дезинфекција. На врата има залепено и летоци на кои е објаснето како децата треба да одржуваат хигиена за да се заштитат од Ковид-19 додека престојуваат во градинка, ни рече скопјанката Весна Арсовска.

И другите родители ни рекоа дека имаат доверба во персоналот дека ќе се запазуваат мерките.

-Ако се одржува хигиена и врши дезинфекција и се контролира температиура ќе биде добро, ни рече една друга мајка.

По седум месеци пауза денес градинките во Македонија ги отворија вратите за згрижување на 14.555 деца, чии родители мора да одат на работа. Протоколите предвидуваат воспитните групи за деца до 2 годишна возраст мора да имаат максимум по 6 деца и двајца вработени во смена. Воспитните групи за деца од З и повеќе години може да имаат максимум по 15 деца и двајца вработени во смена.

Министерство за труд и социјална политика соопшти дека од 70 функционални градинки кои имаат 311 објекти на ниво на држава, само еден објект кој е дел од градинката „Рахилка Гонева“ од Свети Николе не е отворен денеска за прием и згрижување на деца.

Според информациите што Министерството ги добило од оваа градинка, се чека да се направи тестирање за Ковид – 19 на едно вработено лице, по што, ќе биде донесена одлука за отворање на овој објект.

Претходна вестГрадинка во Св. Николе остана затворена, вработена имала симптоми на Ковид-19
Следна вестСилјан Мицевски сведочеше во суд: На Груевски лично му однесов 10.000 евра