Утре вечер македонската публика ќе може да ужива во концертот на македонската филхармонија насловен како „Шпански танц“. Почнува во 20 часот, а диригент е Емил Табаков од Бугарија. На концертот ќе бидат изведени Барокни варијации „Пасчакона“ од македонскиот композитор Благој Цанев и „Кармен свита“ од Бизе – Шчедрин.
Благој Цанев (1937 – 2020) е македонски композитор чиј творечки опус се базира на неоромантизмот и неокласичната естетика. Цанев е првиот дипломец (1970) на Високата музичка школа (подоцна ФМУ), каде што подоцна дипломира и на Одделот за композиција во класата на проф. Властимир Николовски. Работи како професор во Средното музичко училиште, а потоа и на ФМУ. Неговиот опус бележи дела од повеќе музички родови, а најзначајни се хорскиот, камерниот и солистичкиот жанр.
Барокните варијации „Пасчакона“ за гудачки оркестар се напишани во стилот на необарокот како што сугерира и самиот наслов на композицијата. Делото е напишано како омаж на творештвото на Јохан Себастијан Бах, во 1985 година, по повод 300-годишнината од раѓањето на композиторот. Во него, користејќи ги музичките придобивки од барокот, Цанев вешто и инвентивно го трансформира опусот на Бах, вметнувајќи свој автентичен печат. Во „Пасчакона“, композиторот се инспирира од двете најпопуларни форми на барокот – пасакаља и чакона, креирајќи моќно музичко дело кое плени со својата јасна структура и едноставност.
Инаку бугарскиот дирригент се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Во неговата богата кариера стои дека од 2002 до 2008 година е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио.