Какво време дојде, фризерница да оправа школство, магариња да се тренираат, дури во Кипар да се оди за да се учи гостопримство… Овие смешки и лудории не би ги пишувало ниту во најпетпарачка приказна, ама излегуваат документи каде ги пишува во извештаите на една македонска агенција за образовни програми.
И сега кога скандалот се разгоре, Јавното обвинителство се уште само ги следи случаите „фризерница“, „тренирање на хрватско магаре“ и „гостопримството на Кипар“ за кои се доделени преку 400.000 евра од државната Национална агенција за образовни програми. Првиот човек на Обвинителството Љубомир Јовески во саботата за медиумите изјави дека ги следат информациите и ако има основ не се исклучува можноста да се отвори случај. Кога ќе им биде јасно дали има основ?
Повик надлежните институции да ја проверат работата на Агенцијата вчера упати и премиерот Зоран Заев кој, истовремено, ја повика и директорката Лидија Димова да објасни како и кому се делени големи своти на пари.
Скандалот избувна во јавноста откако се виде дека Агенцијата одборила исплата на 270.000 евра на скопски фризерски салон за мажи, регистриран во скопската населба Ново Лисиче, и која три години по ред добива европски пари за програма поврзана со обуки на студенти. Во јавноста протекоа и фотографиите како Димова и во кафаеани се дружи со шефот на берберницата Зоран Алексовски.
–Немаме друг избор освен да ги докажеме невистините и клеветите пред надлежен суд. Изминативе денови сме сведоци на организиран „напад“ кон Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со презентирање на еднострани и непроверени факти. Националната агенција не финансираше фризерница (иако и тоа е дозволено и се правело во минатото), туку го финансираше претријатието „Вредност на европско знаење“, чијшто скратен назив е В.Е.З. Трејд и чие што седиште е на адресата на која е и фризерницата, соопштија денеска Димова и Алексовски.
Адвокатот Александар Тортевски на Твитер, пак, објави и за други проекти за кои Агенцијата доделила пари како: „тренирање хрватско магаре и хрватски лепицанер“.
-За „обука на хрватско магаре“ биле исплатени 83.000 евра европски пари, сега детали и за обука за гостопримство на Кипар за само 54.000 евра, објави Тортевски.
Од средното училиште „Ѓорче Петров“ од Кавадарци објаснија дека средствата се добиени за практична обука на 35 ученици и 5 наставници, во времетраење од две недели во Иваниќ град, Република Хрватска.
– Целта на овој проект е учениците да се стекнат со вештини (вклучително и претприемачки вештини и со тоа ќе се подобри нивната вработливост по завршување на средното образование, изјавија од училиштето.
Но, сомнежите околу овој случај ги подгрева и изнесениот податок дека директорот на ова училиште е брат на пратеник од СДСМ.
Очигледно, многу сомнежи се содржани во овие случаи. Дури и Заев рече „Гледам во медиумите вести кои кај граѓаните со право може да остават сомнеж за користењето средства од европските програми за мобилност, образование и млади“.
Дефинитивно ова бара темелна истрага и неа треба да ја спроведе Јавното обвинителство и другите надлежни органи, а не да сме чекале директорката да ни објаснела.
Да не зборуваме дека веќе излегуваат и други документи дека истата агенција си купила две возила за „скромни“ 90.000 евра. Магариња, лимузини… ова треба да е многу истересна приказна за обвинителството…