Колумна на Владимир Величковски:
Скопје е сериозно ранет град, а луѓето се апатични; големиот пад на духот и „малите“ нешта во животниот амбиент ја отсликуваат општата состојба на разградување во земјата. На плоштадот (натрупан и хаотичен ) доминира (светскиот) клиширан лик на Александар Велики, а помалата фигура на Цар Самуил на престол се најде до градската кафеана Пелистер. Зад Ристиќева палата одвај забележлив е несреќно поставениот „монумент“ на Методи Андонов Ченто, веднаш до оградата на ресторанот Тренд и бистрото Лондон. Пред Камениот мост (соголен до обезличување) поставени се коњаничките скулптури (изведени коректно, но без дух) на Дамјан Груев и Гоце Делчев – фантомски ликови работени по фотографија.
Скулптурата на Византискиот цар Јустинијан на престол (роден во скопско Таор) делува како „фрлена“ на кејот. Не дознаваме, според кое правило на монументализмот кои се нашите најзначајни личности?! Од камениот (обезличен) мост здогледав две„ капачки“, риболовец и табла – Забрането капење! Тука е бетонската „галија“ и концептот- „жални врби“!
Малиот ринг е затворен со ретко грди (видоизменети) згради, во што посебна „место“ има стоковната куќа (поранешна НА-МА), како и „гробниот“ спомен-белег на Мајка Тереза!
Во продолжение, во Жена парк е инсталирана какофонија од „стилови“ и кич . Во првиот ред еден покрај друг се поставени „монументите“ на Кузман Јосифовски-Питу (кој добил гробна безизразност ), робусната фигура на Пјетер Богдани (за мене непознат) лик од 17 век и фигурата на Питу Гули на коњ – плочките со текст покрај „монументите“ се бесно искршени (варварски чин, но и од револт).
Горчлива „луда“ насмевка предизвикува и џуџестата карикатурална скулптурка на генерал Михаило Апостолски, случајно или не, но многу недолично поставена на клучката кај хотел Континентал ! Другите, на сличен начин обликувани „дела“ („каријатиди“,„колонади“ и друго) може да бидат сместени во некој приватен двор, на некое почисто место!
Скопје 2014 (кој не се поврзува со современоста ниту со уметноста) ја откри целата беда и сиромаштија (меѓу другото и творечкиот отклон на уметниците), како и можноста за брзо збогатување на поединци; злото сепак има подлабоки корени!