Скопје, подложено на примитивен бран на деструкција е град на оштетени души распнати меѓу материјалниот и внатрешниот метафизички живот. Денес (заради корона пандемијата) ги броиме умрените (како што по земјотресот 1963. ги броевме жртвите под рушевините), и во таа голема мачнина си го потврдуваме сопственото постоење. Чуден немир, и во тишина (без тајна) и во бучава која убива. Немаме скопски „Градословар“, што значи отсуствува борба за градот.
Многу обични нешта: на места каде што имаше бавчи никнаа густо поставени згради со конфекциски сличен изглед. Градскиот архив, токму заради таквата градежна агресивност е одвај забележлив (станува збор за значајно архитектонско дело познато и надвор од земјата). Каде е тука законот и грижата за идентитет?! Порано мирните улички станаа неподносливо бучни, особено „Партизанска“ („булевар на смртта“); по патеките предвидени за пешаци се движат моторџии и велосипедисти кои создаваат несигурност и вознемиреност. Факт е дека не научивме како да се движиме и однесуваме правилно не само по скопските улици туку и на други места. Има луѓе (за жал) кои се хранат од контејнерите; токму заради тоа секогаш може да се види ѓубре со разновидна содржина расфрлано по тревниците (и така со мала површина). Тоа се места за одмор, но исто така и за одбирање алишта извадени од контејнер (некој може тука да си ги види и своите алишта) распоредени како во уличен „ бутик“ . Под едно дрво некој подредил лежај (каде е границата меѓу уметноста и животот?!) од шарен јорган со две големи сини перници – еден пријатен момент на одмор на окото. Во автобус наидувам на жестоко расечено седиште: кому ли му сметало она што е корисно за сите?! За што служат фонтаните? Секако за разладување, за играње со водата но и за одржување лична хигиена при што – најважна е детската смеа, што ни недостасува. Луѓето (делумно оправдано) тешко се одвикнуваат од своите навики дури и во „новоуредениот“ град: на плоштадот може да се почувствува многу „позната“ миризба (од измет и урина) која доаѓа од недовршените, но и изведени згради, особено зад високите мермерни постаменти (врз кои се поставени „монументи“ на одделни значајни историски личности. Атрактивната стара чаршија куртули од проектот, меѓутоа факт е дека старите занаети исчезнуваат. Монументот Скендербег (солидно изработен ) е поставен на мал простор (на изолирано неугледно место) во „дворот“ на општина Чаир; тоа е уште еден пример за несреќната (за некого нормална) подвоеност во општеството.