Колумна на Наташа Котлар-Трајкова:
Стара вистина е дека различните нешта не се споредуваат, само сличните се споредуваат. Оттука, Р Македонија, чија власт се претставува како „Северна“ не може да се споредува во образовна смисла со „развиените земји“. Ние бевме земја во развој (намерно користам минато определено време), а сега и не знам во која категорија на земји припаѓаме. Но, развој нема, ни далеку на хоризонтот! Така и промените што ги најави министерката за образование во основното образование во согласност „со развиените земји каде има интеграција на природни и општествени науки“, се само и л у з и ј а или пак лоша намера!
Така, ако се истакнува успешната образовна политика на Финска (според компаративните анализи на развиените земји, од страна на МОН), една од најразвиените држави на европскиот континент, но и во светот, најнапред треба да се истакнат две битни нешта – таму, во образованието и во науката се вложува голем процент од државниот буџет и образовнието е за сите подеднакво и достапно за сите. Одделена е државата од партиите и нивното влијание.
Оттука, за да се образува и воспита македонската младина да создава вредности за иден „економски и социјален развој“, потребно е македонската природна, културна, народна и државна специфика да е претставена низ конкретен образовен концепт соодветен на нашите прилики и карактеристики.
Конкретно, предметот Историја, треба да се изучува како самостоен предмет (така е и во Финска), имајќи ги спецификите на македонскиот историски развој. Тоа е предмет кој бара од учениците да размислуваат и логички да ги поврзуваат причините и последиците од одредени процеси и настани. Тоа не е дисциплина која бара просто меморирање на факти, туку напротив поттикнува размислување, секогаш поставувајќи го прашањето – зошто! Таа има двонасочна функција, запознавајќи нè со минатото, таа всушност нè подготвува за правилно однесување во сегашноста и постапување во иднината. Затоа, таа е учителка на животот! Но, исто така, таа е и лична карта на еден народ, легитимација на неговиот идентитет.
Оттука, во нашиот случај, за Историјата, не се дозволени грешки заради суета и амбициозност на луѓето што ги заземат највисоките позиции во владата.
Во оваа смисла, најдобро забележал писателот Иво Андриќ: „Зошто балканските земји не можат да влезат во кругот на просветениот свет, дури и преку нивните најдобри надарени претставници? Одговорот не е едноставен. Но, ми се чини дека една од причините е недостатокот на почит кон човекот, неговото целосно достоинство и целосната внатрешна слобода и тоа безусловно и доследно почитување. Тоа е нашата голема слабост и во тој поглед сите често и правиме грешки.“
Еве, ова нека е поука за размислување, но и за создавање на добри дела и практики во образованието! Viva la Storia!