Интернет-страницата vakcinacija.mk, преку која граѓаните можат да аплицираат за вакцинација против ковид-19, од денеска е пуштена, но, ако се проба да се закаже, таа е нефункционална.
При неколку обиди, прво неколку минути сте во „виртуелна чекална“, а потоа се внесуваат личните податоци – име и презиме, матичен и телефонски број. Но за да се испрати апликацијата потребно е да добиете безбедносен код на вашиот телефонски број. Токму тука настанува застојот, бидејќи во моментов платформата не го испраќа безбедносниот код, со што пријавувањето е невозможно.
Од Министерството за здравство велат дека во моментот се прават последните технички прилагодувања на веб – страницата, и штом се овозможи целосна функција на веб страницата, јавноста ќе биде информирана.
Освен по електронски пат, со регистрација на интернет-страницата за вакцинација, пријавувањето за вакцини ќе се врши и преку матичните лекари преку системот „Мој термин“.
Секој ќе може сам да се пријави за вакцинација, а системот ќе биде тој што ќе генерира кои од пријавените се приоритетни.