Најава за бојкотирање на пописот на населението доколку не се прифатат барањата за негово одложување упати денеска политичката партија Левица. На прес-конференцијата одржана во македонскиот парламент пратеникот на Левица, Борислав Крмов, соопшти дека партијата започнува кампања за одложување на пописот.
-Ние бараме пописот да се одложи на 12 месеци, односно за април 2022 и да се донесе комплетно нов закон кој ќе биде донесен со широк консензус од партиите во Собранието, вели Крмов.
Доколку не биде одложен пописот, Крмов вели дека Левица ќе повика на бојкот на пописот, под мотото „Не отварај врата“.
Тој наброја низа причини поради кои пописот треба да биде одложен.
Левица смета дека, процедурата за Пописот треба да биде прекината и истата да се одложи за во Април 2022 година.
-Македонија е единствена држава, која прави Попис во сред Пандемија. Сите држави кои планираа Попис, го одложија за следната година, па дури и Бугарија. За истата оваа процедура, треба да се изготви комплетно нов Закон со нова методологија, по стандардите на ЕУРОСТАТ и ООН, а којшто ќе биде донесен консензуално од сите парламентарни партии, потенцира Крмов.