Револт и категорично неприфаќање на стручниот наод на Лекарска комора која не констатирала лекарски пропусти кога при порaѓање и биле извадени матката, бубрег и јајник искажа денеска пациентката Јилдиз Веапоска. Во изјави за јавност таа се сомнева во пристрасност на комисијата на ЛКМ која го вршела надзорот и бара Комората да и објасни како тоа да немало грешка на докторот Мухамед Асани, а таа останала без органите.
-Нека излезе Лекарската комора јавно нека образложи медицински зошто се тргнати тие органи, ако немало лекарски пропуст. Тогаш што може да има. Што довело до тоа Асани на таков начин да морал да ми го спасува животот и да мора да ми ги вади органите со кои не сум имала никакви проблеми?, прашува Веапоска.
Таа додава дека не и било дозволено да дознае кои се членови на Комисијата на ЛКМ која вршела надзор. За разлика од неа и нејзиниот адвокат, Асани тоа го дознал. Дури, како што тврди Веапоска, членовите на Комисијата по надзорот со Асани отишле на ручек.
-Тројца што го правеле надзорот се Албанци – гинеколог, анастезиолог и хирург. Кога завршиле си заминале заедно на ручек. Јасно беше каква одлука ќе донесат. Ниту немало Македонец. Заминав здрава и права во Струга на породување. Заминав да се породам, а по породувањето излегувам без бубрег, без матка и без јајник, потенцира таа.
Веапоска наведува дека сега ќе го бара извештај за стручниот надзор и да и се каже каде се нејзините извадени органи.
-Нека кажат каде се за да ги земам и да ги однесам на Судска медицина тука или надвор од Македонија. Ќе направам ДНК-анализа за да се види прво дали се мои, а ако тоа се потврди ќе ги бараме причините поради кои морале да бидат извадени, категорична е пациентката.
Денеска Лекарската комора го известила Министерството за здравство дека по направениот увид во медицинската документација и разговорот со медицинскиот тим било констатирано дека немало пропусти.
-Не се евидентирани пропусти при оперативното завршување на породувањето и во текот на постоперативно следење и менаџмент на пациентката. Лекарската екипа инволвирана во лекувањето и третманот на пациентката соодветно и навремено реагирала при првите знаци на влошување на општата здравствена состојба на пациентката и ги искористила сите расположливи ресурси на болницата за адекватно згрижување на пациентката во услови на живото-загрозувачка состојба. По направениот увид во медицинската документација и разговорот со медицинскиот тим од ЈЗУ УК за ТОАРИЛУЦ Скопје кои учествувале во третманот и лекувањето на пациентката констатираа дека: Од моментот на приемот до моментот на исписот таа е третирана согласно постоечките медицински норми и стандарди, наведуваат од Лекарска комора.