Менување на македонскиот Устав пред влезот на Македонија во ЕУ со кое тој ќе се надополни со припадници на повеќе помалубројни народи во земјава, најави денеска премиерот Зоран Заев.
– Пред влезот во ЕУ, мора да го отвориме Уставот. Една од причините се помалубројните заедници кои живеат тука и треба да се внесат. Тоа го направи Хрватска пред влезот. Имаме спремност, не само за Бугарите, туку и за Хрватите, Торбешите, Египќаните, Австријците, Романците и други кои и да ги имаме од помалубројните етнички заедници. Ние сме отворено општество, европска земја и ќе го следиме примерот на европските земји, посочи Заев.
Тој на ваков начин одговори на денешната прес-конференција на новинарското прашање за коментар на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи за можноста, ако биде побарано, и Бугарите да влезат во уставната Преамбула.
Во Преамбулата на Уставот се споменати „македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите.
Инаку, во хрватскиот Устав е наведено дека „Република Хрватска е востановена како национална држава на хрватскиот народ и држава на припадници на национални малцинства: Срби, Чеси, Македонци…., односно, во Изворни основи на Уставот се наведени имиња на 22 национални малцинства.