СДСМ денеска ги демантира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека вчерашното внатрепартиско гласање се одржувало и во школски училници. Владечката партија реагира на објавените тврдења и фотографии од најголемата опозициска партија и од Мицкоски.
-Христијан Мицкоски не знае што е училиште а што Урбана заедница. Заглавен во белата палата како слуга на Груевски тој воопшто не си ја познава сопствената земја. Чиста лага и незнање е тврдењето на Мицкоски. Не станува збор за училиште туку за простории на Урбана заедница, поточно Урбана заедница Тризла 1 во Прилеп. Ниту едно од сите 237 избирачки места за директните внатрепартиски избори во СДСМ не беше во училиште и сите се со регуларни договори по сите прописи, се наведува во партиското соопштение.
На негирањето на СДСМ веднаш реагира и ВМРО-ДПМНЕ.
-СДСМ да каже од кога тоа урбаните заедници се користат како училници, со зелени табли и клупи? СДСМ не е само заглавена во минатото, туку е и потоната во криминал и злоупотреби. СДСМ е единствената партија во светот која и сопствените избори ги лажираше со организирање на бугарски воз, каде имаа единствен кандидат. На изборите на СДСМ видовме на слики едни исти лица како гласаат на две различни места. Можеби така е и добиена бројката од 59 илјади и 240 илјади гласа за Заев, тоа очигледно е единствениот начин, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, Мицкоски ја повика министерката за образование Мила Царовска да поднесе оставка поради ова.
Инаку, на фотографиите објавени од опозицијата се гледа просторија со класична училишна табла, маси и столчиња со какви се опремени бројни училници во училиштата во Maкедонија.