Случај поротник: Антикорупциска смета дека партиската определба не е критериум за разрешување

Антикорупциската комисија смета дека нема судир на интереси при изборот на поротникот Митко Сандев, за кој ВМРО – ДПМНЕ тврди дека е член на партијата на пензионерите, коалициски партнер на СДСМ.

Во образложението, Антикорупциска наведува дека политичката определба не може да биде критериум за разрешување на поротник од функцијата и упати апел до сите политички партии да не ги злоупотребуваат и да не манипулираат со нив во пресрет на локалните избори.

-Во конкретниот случај за кој политичката партија укажува, ДКСК не утврди прекршување на одредбите за судир на интереси согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Исто така, ДКСК констатира дека во Законот за судовите и Етичкиот кодекс за судиите и судиите-поротници не постојат јасни и прецизни критериуми за избор и ограничувања на судиите-поротници, се вели во мислењето на Комисијата.

Од Комисијата појаснуваат дека начинот и критериумите за избор на судии и судии-поротници, како и ограничувањата при нивниот избор се уредени во членовите од 41 до 50 од Законот за судовите кои не укажуваат на посебни критериуми при изборот на судии-поротници и истите забрануваат дискриминација.

Членот 52 од истиот Закон кој се однесува на забрани и ограничувања за судиите за време на нивната судска функција, не се однесува на судиите-поротници и истиот не може да се применува при извршувањето на нивната должност.

ВМРО-ДПМНЕ побара да се утврди и дали истиот судија поротник како член на политичка партија, Партија на пензионери, односно партија која е коалиционен партнер на владејачката партија СДСМ, има судир на интереси при неговата работа.

ВМРО-ДПМНЕ претходно информираше дека поднеле претставка и барање за утврдување судир на интереси до Антикорупциската комисија за судијата поротник Митко Сандев, како и  претставка до Народниот правобранител.

Митко Сандев е судија поротник во случајот на поранешното СЈО поврзан со оваа политичка партија.

Претходна вестДури сега има многу работа за Филипче
Следна вестСрбија и Бугарија ни го одржуваат темпото на вакцинација – кај нас се вакцинираат само по 2.000 лица дневно