Попладнево од 13:50 минути гори ѓубриште на вливот на реката Бабуна, после мостот па патот кон село Црквино во близина на Велес. Со четири пожарникари и едно противпожарно возило пожарот го гаснат од Противпожарната единица на Велес. Пожарот пред малку е ставен под контрола и работат на негово целосно гаснење да не се прошири по околните лозови насади во непосредната околина.
Пожарот е од левата страна на мостот на Бабуна, а завчера вечер од десната страна на патот пожарникарите од ТППЕ Велес во 2:30 по полноќ успеаја да го изгаснат големиот пожар кој гореше 14 часа на вливот на река Бабуна на стариот пат кон село Црквино, во близина на компанијата „АГРИА“ кај Велес.
Овој пожар избувна на 31 јули напладне околу 12:10 минути, кога бил пријавен, а велешките пожарникари со две противпожарни возила и шест пожарникари веднаш стигнале на местото на пожарот и од 12:20 започнале со негово гаснење. Силниот ветар на пожарникарите им создавал дополнителни маки и им го отежнувал неговото локализирање и целосно гаснење.