Од денес стапува на сила целосна забрана за движење во шумите

Владата доцна синоќа излезе со соопштение во кое апелира до граѓаните да не се движат во шумските подрачја.

„Во текот на денешниот ден (вторник, 3 август) стапува на сила целосна забрана за движење во шумските предели низ државата. Ова е со цел за лична безбедност на граѓаните и заради спречување на натамошно ширење на пожарите“, стои во писменото соопштение од Владата.

Поради зголемениот ризик од пожари од високите температури и портокаловата фаза со која е зафатен регионов, како и големиот број локални пожари што се активни на терен, на барање на градоначалникот Шилегов, Владата од денеска (03.08.2021, вторник) воведе целосна забрана за движење на Водно и на Скопска Црна Гора.

„Апелираме до сите граѓани да ја почитуваат забраната и да не се движат низ шумските подрачја во земјата заради заштита на личната безбедност и заради спречување натамошно ширење на пожарите. Воедно доколку забележите пожар Ве замoлуваме веднаш да пријавите во Противпожарната бригада на тел. 193 или во Центарот за управување со кризи, на тел. 195“, потсетуваат надлежните органи.

Ваквиот владин чекор следи откако во текот на вчерашниот ден територијата на нашава земја беше зафатена со неколку пожари, од кои најтешки за локализирање беа во Кочани и Старо Нагоричане, кумановско.

Претходна вестСончево и натпросечно топло со температура до 42 степени
Следна вестБез струја делови на Центар и Бутел