Заклучно со 1 август, со една доза вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 31 % од населението над 18-годишна возраст.
Кај лицата над 50-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 50,6 %, кај лицата над 60-годишна возраст опфатот со една доза изнесува 61,2 %, а кај лицата над 70 години изнесува 64,9 %.
Според последните податоци, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани, по главниот град Скопје – 159.514, има во Битола – 35.067, со примена прва доза и во Тетово вкупно 31.007 граѓани. Куманово, Прилеп и Охрид имаат помеѓу 20.000-25.000 вакцинирани граѓани со прва доза, помеѓу 15.000-20.000 граѓани се вакцинирани досега во градовите Велес, Кавадарци, Струмица, Гостивар и Штип, а во Кочани и Струга вакцинирани се нешто повеќе од 10.000 граѓани.
Во Демир Хисар, Кичево, Ресен, Неготино, Св. Николе, Берово, Виница, Делчево, Пехчево, Крива Паланка, Кратово, Дебар, Крушево, Македонски Брод, Валандово, Пробиштип и Радовиш вакцинирани се под 10.000 граѓани во секој од градовите, соопшти Министерството за здравство.
Во тек е вакцинација во постојните вакцинални пунктови во државата, каде што граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територијата на целата држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба.
-Вакцинацијата е единствен начин да го победиме вирусот и да спречиме негово понатамошно ширење во есенските денови, односно во деновите во кои во светски рамки е прогнозиран иден нов бран на делта-сојот, потенцираат од Министерството.
Податоците на Министерството како што може да се забележи се само за со едн аддоза од вакцината. Имајќи предвид дека како целосно вакцинирано населението се смета со две дози и дека за патување преку граница се потребни исклучиво две дози, како и фактот што за солидна борба против пандемијата се смета вакцинација на 70 отсто од населението со две дози, тогаш ова што денеска го објавија и не е за пофалба.
Особено што се најавува дека најверојатно ќе биде потребна и трета доза, а можно е оваа вакцина против ковид да стане и сезонска.