Пописот во Македонија е при крај. Денеска е последниот ден кога попишувачите ќе евиодентираат население, домаќинства и станови.
Според соопштено до вчера во земјава се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови. Можноста за самопопишување на лица во странство, досега ја искористиле – 201.247 граѓани од дијаспората.
Дали се ќе заврши како што беше планирано од страна на институциите ќе се знае наредните денови. Надлежните за цело време на пописот уверуваа дека се тече според планот, но од партијата „Левица“ истакнуваа дека дел од граѓаните одбиле да отворат врата на попишувачите.
Деновиве се отвори и тема дека пописот е можно да се продолжи за неколку дена. Сепак директорот на ДЗС Апостол Симовски, вчера изрази уверување дека пописот ќе заврши во законскиот рок и потврди дека до моментот на изјавата немаат побарано продолжување.
-Нас ни е битно да бидат опфатени сите објекти за домување. Ние имаме своја технологија по која го следиме процесот и ќе знаеме дали и кога точно ќе го завршиме процесот. Согласно сегашните процеси, очекуваме и уверени сме дека ќе завршиме во законскиот рок, изјави Симовски за МИА.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, вчера истакна дека целта е сите граѓани да се попишат и ниту еден да не остане непопишан, и дека се во постојана комуникација со Заводот за статистика и врз основа на нивните проценки и информации ќе носат одлуки за понатаму.
Инаку, граѓаните на социјалните мрежи истакнуваат загриженост, но и апелираат до властите сега по завршеното попишување да нема штелување на бројките по етнички клуч. Стравувањето им е поради честите истакнувања на посакувани бројки од страна на политичари Албанци, Турци, Роми… Сите тие си имаа-форсираа свој процент на застапеност иако пописот уште не беше почнат или беше во тек. Граѓаните очекуваат точни односно реални бројки какви што се на теренот.