Новата бугарска Влада ќе усогласи заеднички став со коалициските партнери во корист и на Бугарија и на Македонија. Идниот бугарски премиер Кирил Петков вели дека тоа може и треба да се направи врз основа на заедничко почитување и доверба.
Петков кажа и дека бугарската позиција останува таква каква што е сега, но мора да биде наградена.
-Не сакаме да продолжиме само со пароли од двете страни на границата, туку мора да седнеме и да работиме со тимови на различни теми за да се увериме дека преку заедничка работа и комуникација се движиме кон добрососедство. Но, заедно со тоа, ќе се бранат бугарските национални интереси, рече Петков.
Министер за надворешни работи ќе биде Теодора Ганчевска, која е од партијата на Слави Трифонов. Таа во претходните две недоговорени влади на „Има таков народ“, по изборите на 11 јули, беше предложена за министер за одбрана. Досега работеше во администрацијата на бугарскиот претседател како советник.