На секој скопјанец по еден комуналец и плус да му се плати…

Секојдневно читаме вести со наслови „Есенско чистење на …“, „Собран кабаст отпад…“, „Акција на Комунална хигиена за чистење на…“, а Скопје повторно има топ позиција на ранг листите ако се суди според нечистотијата во градот. Ниедна населба не може да се пофали со чиста и здрава средина, насекаде има ѓубришта по тротоари и улици, по детски игралишта, а за околината на контејнерите и да не зборуваме.

Пред неколку дена, само што заврши фамозното носење и поставување на 540 нови контејнери, што помина со помпезни најави и фотографии, веке следниот ден откажа механизмот кај еден. Имено, на социјалните мрежи се појави фотка на еден таков чиј капак не може да се затвори бидејќи е расипан од неправилна употреба. Значи некому му пречело тоа што контејнерот е нов и изгледа модерно, па решил да го уништи. Ете, баш од ваков тип на луѓе Скопје пати.

Впрочем, ѓубрето по улици не стигнува таму само, контејнерите сами не се палат, шутот и кабастиот отпад немаат нозе за да бидат раштркани каде ќе стигнат… До скопјани е. Комунална хигиена е претпријатие кое е платено за да се грижи за чистотата, ама невозможно е да се справат со непостоењето свест и негрижата на скопјани за својот град.

Казните се секогаш лек, ама малку се изрекуваат. Инспекциите се спори, незаинтересирани… иако е прашање дури и да се супер активни дали ќе постасаат, оти секој втор скопјанец се однесува како да живее и се шета по самата Дрисла.

Да се работи на самосвеста е другиот лек. Но на тоа исто така слабо се работи и во семејствата и во училиштата…

Ако на ова не се погледне од сериозната страна, тогаш еве ја и несериозната: на секој скопјанец да му се плаќа за да внимава кога фрла ѓубре и плус да има по еден комуналец. Може?