А во МЕПСО се штедело ли за сега да не мора да поскапи струјата?

Најавеното покачување на цената на струјата ги зовре граѓаните. Паднаа многу критики на адреса на Владата, регулаторната комисија…

На критиките реши да одговори АД МЕПСО. Еве како од оваа компанија гледаат на работата: „Дел од критичарите на цената на електричната енергија, во исто време, за мобилен телефон со интернет забава се подготвени да издвојат и значајни износи, често и далеку повисоки од сметката за електрична енергија“.

Ова е само дел од денешното објаснување на АД МЕПСО по бројните реакции во јавноста за покачувањето на цената на електричната енергија од 7,4 проценти. Во соопштението се наведува и тоа дека компанијата побарала покачување затоа што планира инвестициски циклус од околу 100 милиони евра.

-Во земјава не постои производител на потребната опрема за трафостаниците и далеководите и поради тоа целата таа опрема се набавува од странство поради што според нив голото споредување  на цената на мегаватчас електрична енергија со просечната плата во нашата земја е некоректно, се потенцира во соопштението.

Но, во соопштението не се наведува ништо за тоа што оваа моќна компанија направила на планот на штедењето на средствата за да ги инвестира во иднината. Нема ништо околу тоа колкави заштеди направиле нејзините вработени во користењето на службените мобилни и фиксни телефони, дали навистина била потребно купувањето на фотељи од природна телешка кожа за раководството на фирмата и за кои лани се брцнало компаниската каса. Нема ниту објаснување дали се штедело со вработувањата во компанијата која стана препознатлива по тоа што во неа се вработуваат партиските активисти. Кон крајот на 2018 година таа броеше 585 вработени, а што е за 12,5 проценти  повеќе отколку пред четири години. Колаква е бројката сега и дали се планира некоја рационализација за да се заштедат средствата за инвестициите надлежните од МЕПСО не го спомнаа во денешното соопштение.

Одговорите на ваквите прашања, суштествени за домаќинско водење на секоја државна компанија, се потребни доколку се сака аргументирана расправа околу (не)оправданоста на покачувањето на цената на струјата. Кога тие ќе се одговорат тогаш може и да се прават неумесните споредби дали поскапувањето на цената на телефонските разговори не им пречело на граѓаните.

Претходна вестСтокмена му е кривична пријава, имал килограм кокаин меѓу бананите
Следна вестВо една вечер два напада врз малолетници на иста улица во Капиштец