Абази ја презеде функцијата од Русковска, со Бејта случајно се фотографирал

Случајно било заедничкото фотографирање на планина на новиот шеф на ОЈО за организиран криминал и корупција Ислам Абази со поранешниот гостиварски градоначалник Невзат Бејта од ДУИ. Вакво објаснување денеска даде Абази по чинот на давање на свечена заклетва пред Советот за јавни обвинители со која вети дека чесно и професионално ќе ја извршува функцијата. Заедничката фотографија на Абази и Бејта предизвика бран на коментари во јавноста и сомнежи за неговата блискот со партијата ДУИ.

-Јас во период на викенди и одмори излегувам и планинарам. Хоби ми се ловот и планинарењето. Во тие делови се среќавам со луѓе и се поздравувам. Искачувањето на еден врв е радосен момент, и се практикуваат слики од формално-правен аспект. Со Бејта таму сме се нашле случајно. Мојата мајка потекнува од Гостивар и се знае со господинот Бејта. Тие имаат познанство. Така што, се сретнавме на врвот, и ништо повеќе од тоа, изјави денеска Абази.

Абази на примопредавањето на функцијата потоа во просториите на Обвинителството за организиран криминал, на сега веќе поранешната шефица Вилма Русковска ѝ подари букет цвеќе.

За нејзината понатамошна кариера, пак, Русковска на новинарите им рече дека не размислува во овој момент за тоа со оглед дека има здравствени проблеми и треба да прави операција.

-Видовте како одам. Морам прво тоа да го средам и треба да одам на преглед, додека не се оперирам јас не размислувам за тоа што ќе правам понатаму. Ова ми е приоритет. Советот на ЈО што ќе одлучи јас не знам, рече Русковска.

 

Претходна вестОпштина Аеродром: Ниту едно дрво нема да биде исечено на улицата „Васко Карангелески“
Следна вестКина не сопира: Направи воз што лебди 10 метри над земјата