Ај што не прават нови улици – не прават, ама барем дупките да ги крпат редовно и квалитетно

Ги заобиколуваме, ги скокаме, пропаѓаме во нив…

Возењето по скопските сообраќајници одамна стана авантура со непредвидлив крај. Зошто непредвидлив? Па може ли да предвидите колку се длабоки дупките кои вребаат по улиците? Не може, оти секој ден стануваат подлабоки. Таман си научил дека преку некоја од нив можеш да ја поминеш без големи последици, кога таа станала подлабока, и отиде тркалото на автомобилот. А за многуте нерамнини по сообраќајниците ич да не зборуваме… Нам ни се чини дека тоа е нормално, оти е пречесто и константно присутно, но тоа е всушност многу загрижувачко. Само во Скопје е можно да се видат закрпени дупки со бекатон плочки среде асфалтен пат… па плус и плочките пропаднале, исто како и шахтите… Поедноставно кажано, улиците ни се како швајцарско сирење.

Возачите се пред двоен ризик: ако се обидат да ги одбегнат ризикуваат да предизвикат судар со возилата кои доаѓаат од спротива, ако пак поминат преку нив, постои опасност сериозно да го оштетат автомобилот. Најлошо е тоа што дупките по сообраќајниците стојат со месеци и никој не ги поправа. Надлежните објаснуваат; „не стасуваме“, „не ни е во програма за работа годинава“… а во градот секојдневно се случуваат по десетици сообраќајки од кои, добар дел, се должи и на лошата состојба на улиците.

– Ај што не прават нови улици- не прават, ама барем дупките на старите да ги крпат редовно, систематски и поквалитетно. Неверојатно е колку се очајни улиците во градов, а се поправаат само оние главните и тоа нередовно, децидна е аеродромката Елена Јовановска.

Скопјани се жалат дека влегуваат во сообраќаен ризик поради ваквите улици

– Секој ден возам по 30-40 км во градов и можам да кажам дека дури неколку пати ми се случило внимавајќи да не поминам врз дупка за малку да не се судрам со возило од спротивната лента или ако ништо повеќе, да ги занемарам општите сообраќајни прописи и норми. Не гледам на дупките само како на нешто што може да ги оштети автомобилите, туку како на сериозна закана по општата безбедност на сообраќајот во градот. Според мене, не се одржуваат добро улиците, ни се пожали скопјанецот Никола Цветановски.

Колку е во право овој граѓанин се уверивме и самите кога поминавме по неколку улици. Улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ не така одамна е обновена, но длабока дупка и нерамнини ги демнеат возачите кои одат кон Тафталиџе веднаш спроти АМСМ. Дупки има и на „Владимир Комаров“ во Аеродром, нерамнините и дупките се и на крстосницата кај Црвен Крст… Дупки и нерамнини постојат и на почетокот на старата улица „Железничка“ веднаш откако ќе се сврти во неа, цела една делница од околу сто метри практично е мешавина на дупки и нераманини кои се појавија по раскопувањето на улицата пред неколку години.

-Секој ден поминувам по ова делница и знам за овие дупки. Ги избегавам така што одам лево, кон средината на коловозот. Среќа што улицата е едносмерна па нема коли од спротивната страна, но може да се закачиме со колите кои одат по другата лента која е порамна, ни рече возачот Благоја Илиевски.

Приливот на коли по оваа улица сега е уште поголем откако градските власти се решија да го обноват асфалтот на дел од централната градска улица „Димитрие Чупоски“ спроти Домот на градежниците. На неа асфалтот и не беше во толку катастрофална состојба како што е, на пример, остатокот од Јужниот булевар кој се уште се користи пред градилиштето на подземната сообраќајница. На ова мала делница забележавме дупка до дупка во асфалтот кои што со месеци и месеци никој не ги поправа.

Голема дупка забележавме и на крстосница кај Тутунски комбинат, опасна дупка забележавме и на улицата „Васил Карангелески“ во населба Аеродром која одамна стои но на никој надлежен не му текнува дека треба да се поправи… Видовме и други „кратери“, но нема место да ги наведеме, а факт е дека не поминавме ниту една десетина од улиците на Скопје…

Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник СКОПСКО ЕХО