Академик Коцарев: Првиот човек на државата работи против македонизмот

Првиот човек на државата отворено работи во функција на одредена политичка партија и против македонизмот, обвини вчера Љупчо Коцерев, претседател на МАНУ. Во интервјуто за емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа тој рече дека не може да ги разбере таквите манипулации.

-Тоа што не може да се разбере се манипулациите на првиот човек на државата, чија должност е, во согласност со уставните одредби, неспојлива со вршење на друга јавна функција, професија или функција во политичка партија, а, сепак, толку отворено работи во функција на одредена политичка партија, поточно работи против македонизмот, посочи академик Коцарев.

Тој предупреди дека се заканува истребување на Македонците.

-Историјата од осамостојувањето на Македонија нѐ учи дека не е важно кој во моментот владее, поголем дел од оние што се наоѓаат во рововите ќе останат таму, можеби ќе сменат страни, но ќе бидат внатре во нив, т. е. во своите удобни функционерски фотелји, а борбите ќе продолжат со несмалена жестина, при што, без индикации дека воопшто ќе завршат, најверојатно ќе траат во недоглед, до целосно истребување и изумирање на Македонците, смета Коцарев.

Претседателот на МАНУ се осврнува и на провладината кампања која го обележува како „антиевропски елемент“, само затоа што не одговара на нивната розова слика за лагите за „напредокот“ во евроинтеграциите.

-Прашањето, за или против ЕУ, се разбира, е ирационално и бесмислено, но секогаш кога претседателот на МАНУ или некои членови на Академијата аргументирано ќе ги оспорат Преспанската спогодба и Договорот за добрососедство со Бугарија, веднаш Академијата ја добива етикетата „антиевропска“. Повеќепати сум пишувал и говорел, а верувам и дека сите членови на МАНУ ќе се согласат со мене, дека МАНУ не е против ЕУ, туку напротив, МАНУ е за ЕУ, но за Унија во која Македонците ќе бидат рамноправен и достоинствен народ со сите други народи во ЕУ, нагласува академик Коцарев.

Според него, денешните односи меѓу Бугарија и Македонија историски гледано се обременети од три работи: Прво, трите изгубени вооружени војни за освојување на територијата на денешна Македонија, второ, неуспешните обиди за асимилација на македонскиот народ во минатиот век и трето – тековната четврта (психолошка/хибридна) војна започната од Република Бугарија против истиот народ и територија.

-Што се однесува до Бугарија, таа има проблем со историјата и со јазикот на македонскиот народ, додека Грција  со терминот „Македонија“ и нејзините деривати. Нивните проблеми денес се решени. Грција го постигна тоа што го бараше токму со Преспанската спогодба: термините „Македонија“ и сите нејзини деривати во меѓународната употреба се резервирани само за Грција, што, впрочем, е потврдено и во ООН. Бугарија, пак, го постигна тоа што го бараше со Протоколот: Бугарија да ја надгледува и пишува историјата на македонскиот народ, а како последица на тоа, македонскиот јазик да стане дел од бугарскиот, тргнувајќи од официјалниот став на Бугарија: „Ниту еден документ/изјава во процесот на пристапување не може да се смета за признавања од страна на бугарската страна на постоењето на т.н. „македонски јазик“, одвоен од бугарскиот, посочува академик Коцарев.

Претходна вестСДСМ: Струјата нема да поскапи
Следна вестЕрдоган ја укина старосната граница, над 2 милиони Турци може веднаш да се пензионираат