Ако ги задоволиме очекувањата на домашните туристи, полесно ќе е и со странските

Со Владо Србиновски, првиот човек на Балканската асоцијација за алтернативен туризам „Балканија“ зборуваме во бесплатниот неделник „Македонско Ехо“ за состојбите во сферата на туризмот во Македонија и можностите за негово унапредување.

Како ги оценувате состојбите во македонскиот туризам во овој период врзан за кризата со корона – вирусот?

-Најпогоден сектор во регионот со најголеми загуби од Ковид пандемијата е македонскиот туризам кој поврзува и влијае директно и посредно на други 17 сектори како (земјоделие, транспорт, трговија) и др. Губењето на бројот на ноќевања и туристи го условува и губењето на работни места што е неповратна штета бидејќи квалитетниот кадар во туризмот и гастрономијата, се профилира подолгорочно. Споредбено со 2019 кога достигнавме во континуиран пораст, најголем број на туристи, до крај на јули 2021 во тековнава година тој број е намален за над 50 отсто со најголема загуба на странски туристи и ноќевања.

 Што е потребно да се прави во сферата на туризмот во овој период кој се уште е рано да се нарече пост-ковид?

Состојбата со пандемијата ќе потрае и во следната туристичка сезона и опоравувањето ќе биде подолго од предвидувањата. Мора да се соочиме со предизвиците и да делуваме за елиминирање на заканите. Суштествени компоненти за развој на македонскиот туризам за справување со предивиците и последиците од Ковид пандемијата се: постојано подобрување на квалитетот на услугата, подигање на стандардите во туристичката понуда, подобрување на маркетингот користејќи ги современите технологии, и сметаме дека многу значајно е зголемување на обемот на едукативни програми за локалното население во руралните средини за развој на алтернативни форми на туризам. Во овој вид на понуда спаѓаат културниот, природниот и руралниот туризам кои не се врзани за сегашните сезонски понуди и може да се козумираат во тек на целата година. Неопходно е создавање на услови и регулативи на централните и локалните власти за стимулирање на нови туристички содржини во понудата. Потребно е стратешко делување за подобрување на условите и состојбите како: достап до финансии, стимулации, субвенции и даночни олеснувања како дел од мерки во насока на развивање на туристичката понуда во помалку туристички развиените места. Секое место има своја оригиналност, своја автентичност и разновидност и свои приказни кои се значаен сегмент во туристичката понуда .

Какви се шансите за алтернативен туризам. Какви потенцијали имаме во таа сфера?

– Неминовно е туристичката понуда во иднина да биде насочена и адаптирана кон домашните туристи, бидејќи ако ги задоволиме критериумите на домашните туристи полесно ќе ги задоволиме и очекувањата на странските туристи. Неопходно е да се подобри достапноста и да се ревитализира постојната, да се изгради нова патна инфраструктура, да се изградат депонии, водоводи и канализациони мрежи во руралните средини. И неминовно да се подобри состојбата со загадувањето на околината. На овој начин ќе стимулираме развој на алтернативните форми на туризам кои не се врзани за сезонски посети, туку се консумираат во текот на целата година. Такви се културниот и археолошки туризам – верски, манастирски, руралниот селски туризам, потоа екотуризмот, агротуризам, вински туризам, ловен и риболовен, планинарски,  спелеолошки, спортски и рекреативен, кампинг-туризам, организирање манифестации и многу други форми. Тоа се потенцијали што Македонија може да им ги понуди на домашниот и на странскиот турист и заедно со квалтетна гастрономска понуда да се позиционира на заслуженото место на туристичкиот пазар. Со прогласувањето на Шар Планина за национален парк заедно со другите национални паркови (Пелистер, Маврово и Галичица) и заштитени подрачја од пониско ниво на заштита (Јасен, Езерани, дел од Тиквешко езеро, Локви) Македонија ќе има 14,5 процентно заштитен дел од целата територија што е еден од најголемите потенцијали за развој на туризмот во иднина.

Каде и со што грешиме во сферата на туризмот?

– Најголем недостаток на туристичката понуда во Македонија е што е ориентирана кон куси сезонски понуди – во лето кон езерата, а во зима кон скијачките центри. Неминовно е продолжување на туристичката понуда со создавање на нови содржини. Да се направи краткорочна стратегија за следните 5 години и да се има визија и подолгорочна стратегија со акциски план за следните 10 години. За тоа ќе биде потребно учество на централните и локалните власти и вклучување на сите чинители во туризмот многу поактивно од досега . Неопходно е одржливо развивање на туризмот, а одржлив туризам, подразбира подобра заштита на животната средина, заштита на природните и културните ресурси, и овозмжување зголемување на економските придобивки за поквалитетен живот на локалното население.

Претходна вестСензација: Вардар загуби од Е. Пелистер 2!
Следна вестСтасав до државен рекорд, прескокнав во висина 167 сантиметри, упорно ќе вежбам за нови успеси