И покрај олабавувањето на рестриктивните мерки против корона вирусот и натаму е потребно задолжително носење на заштитна опрема, често дезинфицирање на раце, како и одржување на потребната физичка дистанца од 1.5 до 2 метра, соопшти денеска Министерството за здравство.
Тоа наведува дека олабавувањето на мерките е резултат на детална анализа на досегашниот три месечен период откако е дијагностициран првиот случај со коронавирус во земјава.
– Само преку почитување на овие мерки, ние може да го заштитиме нашето здравје и здравјето на најблиските. Од сите нас зависи успешното справување со корона вирусот, се подвлекува во соопштението.
Од друга страна, надлежните не ја исклучуваат можноста за враќање на рестриктивните мерки доколку во иднина пак има зголемување на бројот на заболените лица. Премиерот Оливер Спасовски синоќа изјави дека е непредвидливо како ќе се развива состојбата по олабавувањето на мерките и отворањето на државните граници.
-Сето тоа се прашања кои зависат исклучиво од нашето однесување. Клучна улога е почитување на мерките и колку сите ќе придонесеме да не се зголемува бројот на заразени. Сега граѓаните знаат што се очекува кога има зголемен број на случаи. Тоа ќе значат повторно рестриктивни мерки, повторно сериозни проблеми кои ги имавме и досега и затоа апелираме на сите да ги почитуваме мерките кои се уште се во сила, рече Спасовски.