Ако јас бев градоначалничка на Ѓ. Петров, ќе го средев паркот и ќе ја засилев пајак службата

Пензионерката од Ѓорче Петров Цвета Тасовска одговара на прашањето, кои три работи би ги направила ако таа е градоначалник на нејзината општина…

1.Подземни контејнери и пајак служба
Надземните контејнери, колку и да се бројни, сепак не го решаваат проблемот со хигиената во општината и во градот. Брзо се преполнуваат, некои несовесни граѓани фрлаат кабасти работи кои околу нив стојат со недели, се шири лоша миризба околу нив… Сето тоа станува помал проблем со подземните контејнери. Заради тоа, во границите на можностите, секоја година би градела нови подземни контејнери. Прво таму каде има најголема потреба а потоа и на сите други места.
Би организирала и почесто доаѓање на пајак-службата за да ни ги ослободува заробените тротоари.

2.Згрижување на бездомните кучиња
И во нашата општина има голем број на бездомни кучиња. Некои се опасни, каснуваат, некои пак чекаат некој да им се смилува да им даде малку храна. За општински потреби би направила објект за нивно згрижување. Ова е и градски проблем, ќе се гради стационар „Вардариште“, но не гледам проблем и во општината да имаме објект за таква намена.

3.Одржување на паркот
Посебно внимание би му посветила на единствениот парк кој го имаме во општината. Тој треба многу подобро да се одржува отколку сега. Еве, деновиве не работат двете чешми во него. Би организирала редовно полевање, косење, кастрење… сите оние работи кои што се потребни нашите сограѓани да имаат убаво катче за одмор во сите периоди од годината. Јас најдиректно би контролирала дали се исполнуваат вакви активности.