Ако јас го водев Аеродром ќе го реализирав дури и туѓото ветување за изградба на гимназија

Актерката Стојна Костовска одговара на прашањето: кои три работи би ги направила ако е таа градоначалник на Аеродром.

1.Полесно движење и дружење за инвалидизираните лица
Многу наши сограѓани кои се телесно хендикепирани имаат проблем, како во секојдневното движење, така и кога станува збор за социјалното живеење. За луѓето кои користат колички, патерици и слично би ги оспособила пристапите до сите влезови – како до институциите, така и до станбените згради. Тие пристапи сега се често импровизирани, многу се коси и високи и не може да се користат. Би направила и посебен дом-центар со различни активности каде тие и сите други граѓани би доаѓале и би имале одредена активност.

2. Зграда за гимназија
На нашите средношколци кои сега мораат да одат со градски автобуси до гимназиите во центарот на градот би им направила гимназија. Аеродром е голема општина, со многу средношколци и тие треба да имаат такво училиште. На тој начин ќе им се олесни школувањето. Сега губат многу време на превоз до и од училиштата, тоа финансиски ги чини нивните семејства. Изградбата на вакво училиште беше и дел од изборните ветувања и јас тоа би го реализирала. Во него учениците би учеле за да добијат знаења а не за подаренеи петки.

3. Средување на игралиштето
Во населбата во која што живеам, старо Лисиче би ја подобрила хигиената која што сега е на најниско ниво. Би го уредила старото игралиште во близина на Трговскиот центар кое што сега е тотално запустено, обраснато во треви и станало вистинска џунгла. Исто така, тука би ја уредила и старата барака на „Славија“ која, исто така, е целосно запустена. Практично, би го уредила целиот тој простор за да граѓаните добијат убав простор за рекреација.