Ако на разбојниците не им се застане на патот, наскоро и полициска станица ќе ограбат

Загрижени ли се во МВР од честите вооружени грабежи?

Нема ден во Скопје да не се случи тешко разбојништво. Тоа веќе како никого да не го вознемирува. Во последно време криминалците го извадија и тешкото оружје – „калашниковите“. Им треба на луѓето за работа. Па, така петмина крадци пред некој ден упаднаа со такво оружје и ограбија казино во скопската Порта Влае. Неколку дена пред тоа, вооружени крадци упаднаа и во експозитурата на блиската НЛБ банка во Ѓорче Петров. За среќа и во двата случаи немаше жртви, но стравот и загриженоста кај скопјани остана. По градот како да почнува да се чувствува општа несигурност од тоа дали во секој момент може да сме сведоци на вооружен грабеж.

А, насилниците се чувствуваат комотни, па почнаа да напаѓаат и полицајци. На секои две-три недели во полициските извештаи се наведуваат напади врз чувари на редот. Досега и неколкумина полицајци се повредени. Значи ли ова дека полицијата, станува се побеспомошна пред насилниците, особено што раководство во овој период е посебно расштимано?

-Веќе не се чувствувам сигурна кога одам во банка, аптека или бензинска пумпа. Нив најмногу ги ограбуваат. Нема ден некој ваков објект да не го ограбат и тоа со оружје во рака. Од каде толку оружје кај крадците!? А тие како да стануваат се поагресивни при грабежите. Не дај Боже, некој ден може некој недолжен и да настрада, ни вели скопјанката Зорица Јанакиевска.

Освен казиното во Порта Влае и експозитурата во Ѓорче Петров, последниве недели беа ограбени и една пумпа и аптека. Две, се уште непознати лица на 15-ти јануари со закана со пиштол ја ограбиле бензинската пумпа на „Макпетрол“ кај стариот саем, а неколку дена претходно едно лице пак со пиштол ограбило аптека во еден скопски трговски центар. Слично на ова и ланската година почна со вооружени напади. Тогаш се случи пукање со рачен фрлач во трговскиот центар „Мавровка“ и брутален грабеж на банка со „калашникови“ во банка во Визбегово. Прашањето кој со тешко оружје каков што е рачен фрлач пукал недалеку од центарот на градот и натаму е без одговор од полицијата.

-Како тргнала работата, криминалците се осоколени дека никој не ги гони во Скопје и наскоро од забава ќе влезат и ќе ограбат некоја полициска станица. Дури и за таквиот настан полицијата би излегла со соопштение – истрагата е во тек. Ситуацијата е сериозна но подобро е низ хумор да ја коментирам, ни вели аеродромецот Мартин.

За друг наш соговорник, проблемот е во корумпираноста во дел од полицијата.

 -Сите овие напади што се случуваат нема да се расчистат и да се откријат сторителите кои користат и автомати. А нема да се расчистат и заради тоа што разбојниците, според мене, се дел од полицијата. Ништо не е веќе сигурно во оваа држава во која се е корумпирано, од полицаец, до судија, категоричен е скопјанецот Таир Реџепи.

Очигледно, полицијата мора што побрзо да се престрои и далеку посериозно да одговори на раскалашените насилници и разбојници. Во полицијата има добри професионалци кои си ја знаат работата, само треба да им се остави простор за делување. 

Целиот текст може да го прочитате во неделникот СКОПСКО ЕХО.