Ако не се отвори дискусија за една изборна единица ќе има нови излегувања од Владата

Одбивањето да продолжи дискусија за воведување на една изборна едниница како изборен модел ќе отвори процес на излегување на одредени партии од редовите на владината коалиција. Ова беше најавено на денешната прес-конференција на претставници на повеќе партии кои бараат воведување на вакво изборен модел.

– ДОМ ќе ја напушти Владата ако до јуни претседателот на Собранието Талат Џафери не ги стави на пленарна седница измените на изборниот модел. Промената на изборниот модел бил услов при преговорите за формирање и на владата предводена од експремиерот Зоран Заев и со актуелната на Димитар Ковачевски. Услов на ДОМ е во првите 100 дена од изборот на Владата, еве во јуни истекуваат тие 100 дена, да продолжи дискусијата за Предлог-законот за промена на Изборниот законик за една изборна единица. На пленарна седница треба да се отвори дебатата и да има јавна расправа и да ги слушнеме сите различни ставови. Во спротивно, ќе излеземе од Владата, тоа беше најава уште при реконструкцијата на Владата, изјави денеска Маја Морачанин, лидее на оваа партија.

Аргумент дека е потребна промена на изборниот модел за Морачанин е и тоа дека со актуелниот изборен модел се случува партија да освои 30.000 гласа и сепак да не биде застапена во Парламентот.

Според Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз, кој веќе ја напушти владината коалиција, со една изборна единица ќе се создадат еднакви услови за политички натпревар.

-При носењето круцијални и други стратешки одлуки ќе учествуваат повеќе партии и поединци, смета Трајанов.

Но, за овие партии неприфатливо е воведување на цензусот од 5 проценти за влез во парламентот што го условува ДУИ. Претседателката на ЛДП Моника Зајкова оцени дека праг од 5 отсто ќе биде погубен за помалите партии.

-Може да се разговара и за промена на математичката формула за пресметување, односно наместо Донтовиот модел, најсоодветна би била Харе квотата. За тоа дали ќе ја напуштиме Владата, апсолутно не станува збор за условување туку да се отвори прашањето и да се направи системска реформа за поголема демократичност и еднаквост на гласот на граѓаните, рече Зајкова.

ВМРО-ДПМНЕ поддржува една изборна единица, исто како и СДСМ од каде наведуваат дека за праг од 5 отсто треба да се разговара.

Претходна вестВелосипедисти и мотоциклисти в сабота ќе дефилираат во Скопје за поголема безбедност во сообраќајот
Следна вестОвации за Елмас и соиграчите по триумфот над Фиорентина