
Мурал во чест на актерот Мето Јовановски насликан на ѕидот на Кинотеката беше промовиран денеска. Јовановски, е еден од доајените на македонското глумиште, а почина лани во ноември на 77 години.
На муралот кој е уметничко дело на авторите Евгенија Трајковска и Драган Илиќ, напишани се зборовите „Како да ти кажам“ и „Од Бога добро“, често употребувани од Јовановски.
Воедно, на промоцијата беше востановена и наградата „Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот. Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Владо Јовановски е првиот лауреат на наградата .
Мето Јовановски е театарски, филмски и телевизиски актер, кој почина на 77-годишна возраст. Роден е на 17 јануари 1946 година во селото Панчарево, Пехчевско. Во 1971 година завршува Театарска академија во Софија и истата година се вработува во Драмскиот театар во Скопје. Неговата актерска кариера започна на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапува уште пред да се запише на студиите. За многу кратко време, станува еден од водечките драмски уметници во земјава. Има остварено огромен број филмски улоги, а има играно во над 60 филмови.