Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 23 пожари на отворен простор, од коишто три се уште се активни, еден е под контрола, а 19 се изгаснати.
Во соопштението се наведува дека пожарот кај село Плаќе (Илинска Планина) каде што беше опожарена рудина и сува трева зафаќаше предел од три општини (Охрид – Ресен – Демир Хисар) е под контрола, но, на места од ветерот повторно има избувнато пламен. На терен, ПП силите се уште вршат проверка и обиколка и го држат под контрола – четири лица од ЈП „Национални шуми“ – подружница „Галичица“.
За гаснење на пожар во атарот на село Тажево – повеќенаменското подрачје „Јасен“, општина Македонски Брод се дејствуваше во текот на вчерашниот ден на неколку преостанати краци од пожарот со 23 лица од единицата ЕБР со сопствени моторни возила и 3 пожарникари од ТППЕ – Македонски Брод и 10 лица од Јавно претпријатие за управување и заштита на повеќенаменското подрачје „Јасен“. Во попладневните часови во негово гаснење интервенираше 1 хеликоптер на Армијата.
-Пожарот на потегот од село Хаџи Хамзали кон село Црешка е се уште активен и покрај тоа што на него е интервенирано со воздухоплови во неколку наврати. Екипите на ТППЕ Штип – три пожарникари со едно теренско возило, ДЗС, ЈП „национални шуми“ и членови на ловното друштво денеска интервенираа на шумски пожар од запалени смреки и грмушки во атарите на село Хаџи Хамзали и село Црешка. На истиот е интервенирано седум пати од воздух со два воздухоплова. Пожарот е активен и поголем дел од него се наоѓа на територијата на армискиот полигон Криволак. Екипите синоќа се повлечени, а од утрово се повторно на терен, наведуваат од ЦУК.
Вчера во 15:22 часот беше започнат пожар на шума во атар на село Татомир, Општина Кратово. Во гаснењето на пожарот интервенираа девет пожарникари со две цистерни, екипа од Јавно комунално претпријатие од Кратово и месното население. Пожарот е се уште активен.