Аман веќе од силните ветувања, на овие избори сакаме реалност

Тргнаa ли големите партии без мерка во предизборието?

Изборите се дури на 12 април, рано е уште и за почеток на официјалната кампања, ама двете најголеми партии во Македонија почнаа со ветувањата. Всушност, тие со кампањата започнаа уште кон крајот на минатата година кога се договорија вонредните избори. Секој ден прават по неколку прес конференции и соопштенија и редат ли редат ветувања.

„До крајот на 2024 година ќе отвориме 100.000 нови работни места“, „Просечната плата ќе биде 600 авра, а минималната 300“. „Ќе направиме 777 социјални стана“, „Ќе се разрешуваат судии на кои ќе им застаруваат предмети“… ветуваат од владеачката партија СДСМ. Не заостануваат ниту од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ: „Ќе направиме бесплатен приклучок за гас на секое домаќинство“, „Невработеноста ќе падне под 10 проценти“, „Ветуваме 4 милијарди евра странски и домашни инвестиции и 2 милијарди евра за капитални проекти“, „50 отсто почист воздух“… Сето ова се повеќе и преку најразлични медиуми секојдневно им се повторува на граѓаните… Целта е една: што повеќе граѓани да се убедат својот глас да им го дадат на нив.

Што мислат скопјани за тоа.

-Партиите мора да бидат реални во своите ветувања. Генерално гледано, за она што сега се ветува може да се каже дека се реални, но… Мене како граѓанин уште не ми е јасно од каде ќе се најдат финансиски средства за нив? Од кредити ? Кој и како ќе се враќаат тие кредити ? Или тоа пак ќе биде на товар на граѓаните ? Од некои нови патарини или зголемување даноци или … ?, се прашува скопјанецот Дарко Мишевски.

Очигледно, граѓаните се сомничави во тоа дека сето она што им се ветува на крајот и ќе може да се оствари.

-Нема реални ветувања, тие секогаш се апстрактни и додворувачки. По изборите фрлаат ситни трошки за покритие на ветувањата, смета Љубен Цветкоски.

Скопјани се скептични и поради претходните искуства.

-Може ли да оствари ветување некој што не остварил до сега претходни ветувања? Мене ми е важно кој човек го дава ветувањето, а не самото ветување. Докажаниот лажго и дворец да ми вети нема да му верувам, децидна е скопјанката Деспина Ф.

Партиите како да ја применуваат тактитката – ветувај големи работи, а остварувањето започни го во последната година од мандатот.

-Тоа на е чесно. Јас сакам проектите кои што ми ги ветиле да бидат целосно исполнети до моментот додека им трае мандатот. Ако не може тоа да го исполни тогаш нека и не го ветува. Нека почекаат сега со ветувањата, јас си сакам реалност, смета скопјанката Весна Арсовска.

Граѓаните сега повторно имаат прилика да видат колку е реално оставрливо она што им се ветува. И врз основа на сопствените искуства и проценки, да решат што да прават со својот глас.

Ветувањата да се заверат кај нотар, за да има и одговорност

Скопјанецот Владимир Гавровски смета дека неисполнувањето на изборните ветувања треба да повлече и конкретна одговорност на оние кои ги даваат.

-Се што лидер ветил треба да се завери и кај нотар. Па, доколку потоа се испостави дека изборното ветување не е реализирано, тогаш завереното треба да се третира како лажен исказ. Односно, како кривично дело. Без да се случи тоа тие само и натаму ќе лажат и нема да прават ништо за обичниот народ. Заради тоа и дојдовме до оваа дереџе, потенцира Гавровски.