Амбасадорот Бездникин: Русија не се меша во внатрешните работи на Македонија и нема намера да го прави тоа

Русија отсекогаш била отворена за сеопфатна соработка со Македонија. Ова меѓу другото го вели рускиот амбасадор во земјава Сергеј Бездникин, во краткото интервју за реномираниот весник Нова Македонија.

Тој се осврна и на односите помеѓу двете земји.

– Со децении, буквално од самото прогласување на независноста на Македонија, и во Москва и во Скопје се работеше и тоа доста успешно на градење билатерални односи и нивно проширување на нови области.

Сепак, од февруари 2022 година, властите на Македонија ја одбија конструктивната интеракција и презедоа неколку непријателски чекори, кои сериозно им наштетија на односите. Како што веројатно знаете, властите на вашата земја користат режим на „дипломатска изолација“ во односите со Амбасадата, што предвидува отсуство на контакти со нас, вклучувајќи и непоканување на официјални настани.

Сè додека овој пристап продолжува, многу е тешко да се зборува за перспективи за интеракција.

Руската страна се придржува до недвосмислен став ние не се мешаме во внатрешните работи на вашата држава и немаме намера да го правиме тоа, не преземаме никакви чекори во форма на наводни хибридни закани, за кои неосновано сме обвинети. Се разбира, ние ќе реагираме на непријателските дејства, врз основа на реципроцитет, но секогаш на избалансиран и, доколку е можно, на симетричен начин, вели Бездникин.

Тој нагласува дека рускиот и македонскиот народ се поврзани со вековни врски кои се засновани на духовното и културното сродство и заедничките словенски корени. Убеден е дека за зајакнување на пријателството меѓу двата народа ќе придонесе и меѓуцрковната соработка, бидејќи врските на Руската црква со историската Охридска архиепископија датираат со векови. Истакнува дека минатиот август, Руската православна црква целосно ја призна автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, што било со радост прифатено од православните верници во Русија.

Целото интервју можете да го прочитате тука

Претходна вестПо дојава за поставен експлозив, евакуирани 21 средно и 18 основни училишта во Скопје
Следна вестМакедонецот Трајковски заедно со Роналдо во тимот на колото во Саудиска Арабија